На неколку дена пред почетокот на изборната кампања министерот за внатрешни работи Наќе Чулев денес во Битола изјави дека МВР поднело известување до Основното јавно обвинителство против директорот на ЕСМ Васко Ковачевски по пријава од фирма дека дури бил директор на РЕК извршил изнуда и барање на поткуп. За ваквите обвинувања Ковачевски, одговори дека се неосновани и дека ќе го тужи за клевета.
Чулев рече пријавата во полиција била поднесена во февруари годинава, а известувањето со потребната документација МВР го доставило до Обвинителството месеци и половина пред одржувањето на денешната прес-конференција. Го повика ОЈО да постапи по него.
„Се вршело изнуда врз фирма која добила тендер за ископ на јаловина, реномирана фирма , која дала најповолна понуда. Но, од страна на директорот и раководството на РЕК било вршено притисок, односно изнуда за дел од договорот да биде отстапен на друга фирма, подизведувач, која нити има капацитет, нити има механизација, а е блиска до СДСМ“, рече Чулев, кој е министер за внатрешни работи од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во Владата предводена од СДСМ.
Чулев, повикувајќи се на пријавата од фирмата, рече „лицето кое го добило тендерот ја одбило изнудата при што од страна на директорот на РЕК му бил побаран поткуп во износ од 250 000 евра. Со оглед дека фирмата не се согласила ни да даде поткуп, ни да отстапи дел од договорот, се вршеле опструкции да не може да го исполни договорот, за на крај еднострано од РЕК да му биде раскинат договорот и активирана банкарската гаранција“.
Фирмата повела судски спор, а МВР за случајот го известило Обвинителството, за кое министерот рече дека досега нема дало инструкции за натамошни чекори.
Директорот на ЕСМ Ковачевски, исто така од Битола , му одговори на Чулев дека обвинувањата се неосновани и дека ја злоупотребува полицијата за партиско-политички цели на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ги одбивам денешните негови обвинувања, не се точни. Помина времето на МВР-ВМРО кога се правеше хајка и се оцрнуваа неподобните за нив. Кога веќе Чулев сака да бара криминал му порачувам да се позанимава со времето на владеењето на Христијан Мицковски во АД ЕЛЕМ и да ги истражи тендерите за набавка и увоз на електрична енергија по екстремно високи цени и ангажманот на неговите пријатели за консултации како адвокати. За овие негови обвинувања ќе поднесам кривична пријава против него“, рече Ковачевски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА