„МАСЛОДАЈНА“ И ЛОКАЛНАТА ВЛАСТ НА ВЕЛЕС СПОРАТ ЗА ТОА КАКО МАЗУТОТ СЕ ИЗЛЕА ВО ВАРДАР

    „МАСЛОДАЈНА“ И ЛОКАЛНАТА ВЛАСТ НА ВЕЛЕС СПОРАТ ЗА ТОА КАКО МАЗУТОТ СЕ ИЗЛЕА ВО ВАРДАРПо излевањето на мазутот, од Маслодајна ја посипале улицата со ќоспе да го впие, а следниот ден по налог на полицијата улицата е исчистена за да не биде лизгава и небезбедна за сообраќај, поради што низ одводните решетки има излевање и во Вардар. (Фото: СДК.МК)

    Раководството на велешка Маслодајна не прифаќа одговорност за понеделничкиот излеан мазут во река Вардар, додека тоа што се излеал од нивниот резервоар во неделата напладне на патот до Железничка станица, било техничка грешка, не човечка, објасни директорот на „Благој Ѓорев“ АД Велес Горанчо Лазов, на денешната прес -конференција.

    „Откажа опремата, што може секаде да се случи, тоа е техничка не човечка грешка. Ја информиравме велешката полиција. За жал, од таму никој не знаеше што да се преземе, кој е надлежен инспектор за животна средина. Од локалната власт, освен градоначалникот, никој не дојде од Одделението за животна средина, иако ги повикавме. Затоа на излеаниот мазут посипавме ќоспе, кое го впи. Потоа улицата беше чиста. Ние не ја измивме улицата, оти знаевме каде ќе заврши и што ќе се случи. Не знам кога, дали вечерта или утрото, е измиена улицата од страна на ЈКП ‘Дервен’, кој го дал налогот не ми е познато и потоа по реката Вардар пловеше мазут. Тој не можеше да истече од испусните шахти на улицата, оти прво што сторивме ги покривме нив и тврдам дека од нас не е излеан мазутот во реката. Немаме вина за тоа што мазутот истече во реката, нема траги од мазут на решетките од каналот“, рече директорот Лазов.

    Кажа дека деновиве кај нив на увид била државната инспекција за животна средина, инспектори од Струмица. Тие, според Лазов, констатирале дека затаила опремата, не човекот, дека Маслодајна ја има соодветната опрема и дека не носат вина за излевањето во Вардар, туку „Дервен“ требало со специјална течност да ја посипе улицата.

    Денес за ова САКАМ ДА КАЖАМ побара одговор од Државниот инспекторат за животна средина, каде велат дека сè уште се работи на извештајот и дека од понеделник јавноста ќе биде информирана за наодите. Оправдувањето на директорот Лазов не го прифаќа градоначалникот Коцевски и бара одговорност за еко-хаваријата.

    „Прекршокот кој го стори Маслодајна во неделата со истечениот мазут е од трет степен, а тоа е најтешкиот. Налогот да се пере улицата каде беше истечен мазутот го дадовме ние, откако ни беше кажано од полицијата дека е многу опасно ако остане сообраќајницата со остатоци од мазут на коловозот. Може да дојде до лизгање и до сообраќајни незгоди на оваа делница. За целиот случај писмена информација е доставена до Велешкото обвинителство, па тоа нека одлучи дали има место за одговорност и од кого“, рече Коцевски.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира