ВЕЛЕС НЕМА ДРЖАВЕН НИТУ ОПШТИНСКИ ИНСПЕКТОР ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА, А ИМА 23 МОЖНИ ЗАГАДУВАЧИ

    ВЕЛЕС НЕМА ДРЖАВЕН НИТУ ОПШТИНСКИ ИНСПЕКТОР ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА, А ИМА 23 МОЖНИ ЗАГАДУВАЧИДел од истечениот мазут од „Маслодајна“ во неделата заврши и во Вардар, но утврдено е дека немало помор на риби. (Фото: СДК.МК)

    Велес неколку месеци нема ниту општински ниту државен инспектор за животна средина. Во состојба кога има три инсталации со „А“ еко-дозвола и две кои не работат, и 18 со или во постапка за добивање „Б“ интегрирана еко-дозвола, нема кој да ја надгледува нивната работа и колку тие ги исполнуваат и почитуваат еко-стандардите. Општинскиот еко-инспектор замина на друга позиција, а државниот се пензионираше, така што не се знае дали и кој врши контрола на загадувањето во градот.

    „За жал, поради сплет на околности во Велес нема овластен инспектор за екологија, ниту државен ниту општински. Се надевам дека набргу ќе добиеме општински, кој ќе оди на соодветни обуки во Скопје за да ги добие сите овластување за да постапува. Дотогаш се грижи одделението за животна средина, кое е во рамките на општинската администрација“, кажа градоначалникот Аце Коцевски.

    Тоа што нема инспектор за екологија деновиве беше силно почувствувано во градот. По инцидентот со истекувањето на мазутот од велешка „Маслодајна“ нема записник за случајот, а фабриката и Општината излегоа со различни податоци за количествата кои истекоа. „Маслодајна“ вели истекоа 300 кила мазут, а локалната власт вели еден тон. „Маслодајна“ тврди дека ништо не истекло преку отпадниот канал во Вардар, додека локалната власт смета дека одредени количества завршиле преку каналот во реката.

    Деновиве, во период на засилени градежни активности асфалтната база на „Македонија пат“ во населбата Речани наутро работи со засилено темпо. Во саботата, бел густ облак околу седум часот беше емитуван од неа и потоа со ветер заврши во градот, каде остана повеќе време. Во овој период, мерните инструменти покажуваа повисоки вредности на јаглен моноксид и сулфурдиоксид.

    Велешани реагираа за ова, но бидејќи асфалтната база е „А“ инсталација, таа е под надлежност на Државниот инспекторат за екологија.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира