АНТИКОРУПЦИСКА КОМИСИЈА ВОДИ СЛУЧАЈ ЗА РАБОТАТА НА ДИРЕКТОРОТ НА АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ ТОЗИЈА, ВЕЛИ ИВАНОВСКА

    АНТИКОРУПЦИСКА КОМИСИЈА ВОДИ СЛУЧАЈ ЗА РАБОТАТА НА ДИРЕКТОРОТ НА АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ ТОЗИЈА, ВЕЛИ ИВАНОВСКААгенцијата за филм на почетокот на коронакризата објави дека за два работни дена исплатила вкупно 27 филмски проекти, за да им се помогне на независните филмски работници (фриленсери) и продуцентските куќи; - Директорот Горјан Тозија. (Фото: СДК.МК)

    Aнтикорупциската комисија има отворено предмет за работата на директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија, потврди за САКАМДАКАЖАМ.МК претседателката на Комисијата, Билјана Ивановска.

    „Член на Комисијата работи на предмет за работата на директорот Тозија, но не можам повеќе детали да откријам, затоа што наша пракса е секој член да си го работи предметот и кога ќе биде готова да го презентира пред останатите членови. Попладне имаме состанок и дополнително ќе ве информираме“, одговори Ивановска на нашите прашања дали предметот е поврзан со предвремената исплата на сите одобрени филмски проекти од Агенцијата, и што конкретно се истражува во предметот и во која фаза е.

    По денешниот состанок на Антикорупциската комисија, попладнево оттаму официјално ни потврдија дека е отворен предмет за истрага на предвремената исплата на сите одобрени филмски проекти од Агенцијата. Предметот ја испитува законитоста на ургентното исплаќање на сите филмски проекти од страна на Агенцијата за филм во март на почетокот на коронакризата.

    „По добиените пријави, ние отворивме случај за овој предмет и утре до Агенцијата ќе биде испратен допис во кој бараме од нив да ја достават целосната документација како е вршена исплатата. Согласно законот, Агенцијата има рок од две недели да ни ги достави потребните документи“, ни рекоа од Државната комисија за спречување на корупцијата.

    Оттаму додаваат дека за Тозја имаат добиено уште две пријави за кои се водат случаи, врзани со судир на интереси во Агенцијата и за Конкурсот за поддржани филмски проекти, кој беше објавен во јануари годинава, а за кој сѐ уште не се објавени резултатите.

    Кај предвремената исплата на проектите, спорно е што за најголем дел од исплатените проекти нема од продуцентите ниту банкарски гаранции ниту документација за завршени претходни фази. Во согласност со Законот за филмска дејност, филмскиот продуцент пред склучување на договорот во соодветен рок треба да достави банкарска гаранција во висина од 25% од износот на средства кои ги исплаќа Агенцијата.

    Со мерката која Агенцијата ја најави на 24 март,  за два работни дена исплатила вкупно 27 филмски проекти, како што соопшти тогаш, „кои се во поодмината фаза на реализација односно оние кои се завршени или се пред завршување“, „за да им се помогне на независните филмски работници (фриленсери) и продуцентските куќи“.

    „Директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија во рамките на своите надлежности презеде мерки за помош на независните филмски работници (фриленсери) и продуцентските куќи. По препораките на Владата, во договор со претседателот на Друштвото на филмските работници Игор Иванов, а по конструктивната средба со министерот за култура, Хусни Исмаили во рамките на своите законски овластувања, Агенцијата за филм, од средствата од годишниот буџет, пристапи кон исплаќање на веќе започнатите филмски проекти кои се во поодмината фаза на реализација односно оние кои се завршени или се пред завршување. Спроведувајќи ја оваа мерка Агенцијата за филм во изминативе два работни дена исплати вкупно 27 филмски проекти“, стои меѓу другото во Соопштение на Агенцијата од 24 март.

    Но во датабазата Отворени финансии на Министерството за финасии, се гледа дека меѓу исплатените има и повеќе проекти кои не се ниту почнати. Според датабазата, во периодот март-мај 2020, има околу 50 исплати со вкупно близу милион евра, на проекти кои се одобрени на конкурсите на Агенцијата од 2014 до 2019 година. Главните исплати се на 17, 20 и на 24 март.

    Мерката на Агенцијата за филм за исплата на филмските проекти е различна од онаа која беше соопштена на 30 мај, кога Министерството за култура објави дека парите кои како помош во вонредна состојба ќе ги добијат независните филмаџии ќе дојдат од Фондот за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од коронавирусот КОВИД- 19. Владата на седницата на 26 мај донесе Уредба со законска сила за финансиска поддршка на филмските работници за време на вонредна состојба, за месеците април и мај во месечен нето износ од 14.500 денари.

    За друг случај, против Тозија е поднесена и кривична пријава до Основното јавно обвинителство, од продуцентот Роберт Насков и продуцентската куќа „Партизанс“. Пријавата се однесува за филмот од 2016 „Ослободување на Скопје“, во режија на Данило и Раде Шербеџија, каде мнозински продуцент со 69 отсто е „Партизанс“, додека копродуценти се „МП филм продакшн“ од Хрватска и „Арт филмс продакшн АФП“ од Финска. Филмот се снимаше на крајот на 2014, а премиерата беше во октомври 2016. Тозија во тој период бил ангажиран како надворешен соработник на филмот, но заедно со хрватскиот копродуцент Игор Нола, без знаење на главниот продуцент Насков, ги продале правата на филмот на дистрибутери од Холандија и од Италија. Во 2016 „Ослободување на Скопје“ беше и македонски кандидат за Оскар.

    Со оглед дека Агенцијата за филм во 2014 го поддржа овој филм со 1.25 милиони евра, Насков и Поповски сметаат дека Тозија, кој стана директор на Агенцијата во август 2017, претходно со неовластената продажба го оштетил буџетот со над 20.000 евра, оти дел од парите за дистрибуција треба да се вратат во Агенцијата.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира