Медицинскиот отпад на депонијата „Дрисла“ отсега наместо во старата печка ќе се уништува во нов стерилизатор. Деновиве на депонијата стаса стерилизаторот за третман на медицински отпад од италијанска марка „ЦИСА“, и кој како што вели директорот на ЈП „Дрисла“ Коста Начевски е иновативен систем, целосно автоматизиран, со висока технологија и квалитет.
„Со набавката на стерилизаторот се става крај на неодговорното и несовесно постапување со медицински отпад, односно несоодветната обработка на медицинскиот отпад, којшто потоа завршуваше на депонијата како обичен отпад, што претставуваше потенцијална опасност за животната средина и за здравјето на луѓето. Очекуваме да биде ставен во функција наредниот месец бидејќи треба да дојдат луѓе од италијанската фирма производител, за да се монтира. Откако ќе почне со работа во старата печка ќе согоруваме само документи кои ни ги носат на уништување од Министерството за внатрешни работи и амбасадите“, вели директорот Начевски.
Новиот стерилизатор е со капацитет од 2. 000 литри и може за еден час да третира 350 килограми отпад, што според вработените ќе ги задоволува дневните потреби на депонијата. Системот за третман на медицински отпад е опремен со шредер кој го намалува до 80 отсто волуменот, со сува вакуум пумпа што ќе придонесе за заштеда на потрошувачката на вода и до 98 отсто, како и систем за заштеда на енергија кој истовремено обезбедува и еколошка безбедност и не дозволува воздухот што го испушта стерилизаторот да ја загадува околината.
Стерилизаторот стаса на „Дрисла“ шест месеци откако Град Скопје ја презеде во владение депонијата. Претходно италијанскиот концесионер „ФЦЛ Амбиенте“ кој стопанисуваше со депонијата 9 години, иако постајано најавуваше дека ќе набави современа печка за третман на медицински отпад, што му беше и една од обврските од договорот, тоа не го стори.
А. АНТЕВСКА