Лекарската комора го известила Обвинителството дека нема пропусти во условите и стручноста на изведената операција на починатиот 39-годишен Булент Ибрахим од Ресен.
Институтот за судска медицина се изјасни дека не може да се утврди причината за смртта, зашто навреме не била направена обдукција.
Приватниот вештак на оштетеното семејство се согласил дека без обдукција сепак не може да се докаже дека починал од сепса.
Врз основа на сето ова, Обвинителството ја отфрли кривичната пријава за лекарска грешка во случајот со младиот пациент.
Ибрахим почина на 22.02.2019 година во ГОБ „8 Септември“, четири дена откако беше опериран во приватната здравствена ординација по пластична и реконструктивна хирургија „Др сци мед. К. Митаноски“ во Аеродром во Скопје, сопственост на лекар пензионер, кој му ја беше издал на д-р Ѕвонко Николовски од ПЗУ „Јанита“ во Скопје. Таму му била извршена операција на хемороиди од страна на Николовски, но по неколку дена во септичен шок и во многу лоша состојба бил донесен во ГОБ „8 Септември“, каде лекарите не можеле да го спасат.
И покрај тоа што била испуштена можноста за обдукција, надлежниот јавен обвинител во истрaгата се интересирал за ексхумација на телото, за да добие точен доказ од што починал пациентот, како би се утврдила евентуална лекaрска грешка. Но, од експертите по судска медицина добил одговор дека таква обдукција не би дала докази, бидејќи органите и ткивата веќе се скапани.
Семејството поднесе кривична пријава против три физички и две правни лица за Тешки дела против здравјето на луѓето од член 217 став 2 во врска со член 207 став 1 од Кривичниот законик, во врска со смртта на Ибрахим.
„Кривичната пријава од семејството на починатиот се однесуваше на лекарска интервенција извршена врз Ибрахим на 18.02.2019 година, која ја извршил еден од пријавените лекари во изнајмена операциона сала во сопственост на вториот пријавен, а со асистенција на третата пријавена. Според семејството, пријавените очигледно примениле неподобно средство и начин на лекување, како и несоодветни хигиенски мерки со што предизвикале влошување на здравствената состојба на пациентот, кој по оперативниот зафат добил висока температура и сепса. Првопријавениот лекар кој ја извршил интервенцијата, место да го упати пациентот на лекување во специјализирана здравствена установа, доаѓал во домот на оштетениот и му давал инфузија. Кога на 21.02.2019 година констатирал дека терапијата што ја препорачал не дава никаков ефект и дека пациентот е во критична состојба, пријавениот со сопствено возило го однел оштетениот во ГОБ ‘8 Септември’, каде и покрај обидите на лекарите да го спасат неговиот живот, тој почина“, кажува Обвинителството што навеле блиските во пријавата.
Обвинителот ја обезбедил целокупната медицинска документација за третманот на починатото лице и ја проследил до Лекарската комора и до Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија од кои побарал да изготват стручно мислење по однос на постапувањето на докторите во конкретниот случај.
„Лекарската комора со допис го извести Обвинителството дека по спроведен стручен надзор едногласно констатирала дека лекувањето на лицето Булент Ибрахим, условите и начинот на лекување, односно на укажување здравствена заштита билe спроведени без стручни пропусти, согласно упатствата на медицината базирана на докази“, е првиот одговор до обвинителот.
„Институтот за судска медицина, пак, постапувајќи по наредбата од ОЈО Скопје со допис одговори дека со оглед на тоа што не е извршена ниту судско-медицинска ниту патолошка обдукција врз починатото лице, не може да се утврди причината за смртта на Ибрахим, односно причинско-последичната врска меѓу извршената интервенција и смртта на пациентот“, е одговорот до него од Судска медицина.
Подносителите на пријавата во текот на постапката приложиле и приватно вештачење изготвено од лекар – судски вештак од областа на хирургија и трауматологија, кој извршил вештачење врз медицинската документација која му била доставена од семејството. Тој првин констатирал причинско-последична поврзаност меѓу извршениот оперативен зафат и смртта на пациентот.
Но, обвинителот го повикал на распит вештото лице, а при неговото испитување, заради професионална помош од областа на судската медицина, ангажирaле и двајца технички советници од Институтот за судска медицина. Во текот на распитот вештакот навeл дека е тешко да се утврди постоење на сепса и таа да се поврзе со смртта на пациентот, без притоа да биде направена обдукција и во целост се согласил со техничките советници дека е потребно да постои обдукционен протокол, односно дека во конкретниот случај отсуствуваат релевантни докази.
„Тој се изјаснил дека во конкретниот случај сепсата била една од можностите за настапување на смртта, но не и единствена можност и дека отсуствуваат битни докази за да се утврди причинско-последичната врска“, внимателно објаснува Скопското обвинителство.
Првопријавениот лекар, кој го извршил оперативниот зафат, пред јавниот обвинител го негирал сторувањето на кривичното дело и потенцирал дека Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Лекарската комора и формираната стручна комисија во Министерството за здравство, не констатирале пропусти во однос на неговото постапување како доктор.
„За постоење на кривичното дело –Тешки дела против здравјето на луѓето од член 217 став 2 во врска со член 207 став 1 од Кривичниот законик потребно е да се утврди значително отстапување од правилата на медицинската наука и струка што како последица придонело за влошување на здравствената состојба на пациентот. Делото е конструирано како деликт на повреда, што значи дека не се инкриминирани лекарски грешки што остануваат во границите на дозволениот ризик, односно немаат таква последица“, се заклучува во соопштението.
Решението за отфрлање на кривичната пријава е доставено до подносителите на пријавата, кои согласно член 288 став 2 од Законот за кривична постапка имаат право на жалба до Вишото јавно обвинителство Скопје во рок од 8 дена по приемот.
С. К. ДЕЛЕВСКА