Друштво на филмските работници на Македонија (ДФРМ) соопшти дека ги поддржува мерките на Агенцијата за филм за поддршка на македонската кинематографија во коронакризата.
Станува збор за две мерки, како што стои во соопштението, првата за итно префрлување на рата за проектите што се завршени или се во поодмината фаза на реализација, и втората во соработка со ДФРМ, која претставува директна финансиска помош за независните филмски работници, оние кои егзистираат единствено од работа на филмски проекти и немаат приходи по други основи. Втората мерка е со одлука на Владата од 26 мај, за исплата на двапати по 14.500 денари на независните филмски работници поради коронакризата, а ќе се исплаќа од Ковид-фондот. Постапката се спроведува преку Агенцијата за филм.
„И двете мерки се донесени интервентно, земајќи ја предвид моменталната ситуација со светската пандемија предизвикана од вирусот КОВИД 19, а нивната цел е да се помогне и одржи кревката македонска кинематографија. Истите или слични мерки се спроведуваат во безмалку сите земји во Европа. На собранието на ДФРМ, едногласно беа поздравени овие потези, знаејќи дека во изминативе шест месеци работата на филм во државата беше во целосен застој“, соопшти ДФРМ.
Со првата мерка која Агенцијата ја најави на 24 март, за два работни дена исплатила вкупно 27 филмски проекти, како што соопшти тогаш, „кои се во поодмината фаза на реализација односно оние кои се завршени или се пред завршување“, „за да им се помогне на независните филмски работници (фриленсери) и продуцентските куќи“.
За првата мерка, Антикорупциската комисија има отворено предмет за работата на директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија. Предметот ја испитува законитоста на ургентното исплаќање на сите филмски проекти од страна на Агенцијата за филм во март на почетокот на коронакризата.
„По добиените пријави, ние отворивме случај за овој предмет и до Агенцијата испративме допис во кој бараме од нив да ја достават целосната документација како е вршена исплатата“, ни рекоа од Државната комисија за спречување на корупцијата на 22 јуни.
Оттаму додаваат дека за Тозија имаат добиено уште две пријави за кои се водат случаи, врзани со судир на интереси во Агенцијата и за Конкурсот за поддржани филмски проекти, кој беше објавен во јануари годинава, а за кој сѐ уште не се објавени резултатите.
Меѓу оние што имаат поднесено преставка до Антикорупциска комисија, за евентуален судир на интереси во Агенцијата за филм, е и режисерот Милчо Манчевски. ДФРМ во соопштението вели дека тој врши „атак на домашната кинематографија“, но не го спомнува фактот дека Антикорупциска комисија ја испитува работата на Агенцијата за филм.
- СО КОРОНА-МЕРКИ БЕЗ БАНКАРСКИ ГАРАНЦИИ СЕ ИСПЛАТЕНИ САМО 31 ФИЛМ, 19 СЕ ИСПЛАТЕНИ ЗАКОНСКИ СО ТЕКОВНОТО РАБОТЕЊЕ, РЕАГИРА АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ
- ПРЕДВРЕМЕНАТА ИСПЛАТА БЕЗ БАНКАРСКА ГАРАНЦИЈА ГО ИЗЕДЕ БУЏЕТОТ НА АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ, НЕИЗВЕСНА ПРОДУКЦИЈАТА ЗА 2020
- АНТИКОРУПЦИСКА КОМИСИЈА ВОДИ СЛУЧАЈ ЗА РАБОТАТА НА ДИРЕКТОРОТ НА АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ ТОЗИЈА, ВЕЛИ ИВАНОВСКА
- ДВЕТЕ МИНИМАЛНИ ПЛАТИ ЗА ФИЛМАЏИИТЕ ЌЕ ДОЈДАТ ОД ФОНДОТ ЗА КОВИД-19, НЕ СЕ ПРЕНАМЕНА ОД АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ, ВЕЛИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА
- НЕЗАВИСНИТЕ ФИЛМАЏИИ ЌЕ ДОБИЈАТ ПО ДВЕ МИНИМАЛНИ ПЛАТИ ПОРАДИ КОРОНАКРИЗАТА, ОДЛУЧИ ВЛАДАТА
Б. НЕСТОРОСКА