ПРЕДВРЕМЕНАТА ИСПЛАТА БЕЗ БАНКАРСКА ГАРАНЦИЈА ГО ИЗЕДЕ БУЏЕТОТ НА АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ, НЕИЗВЕСНА ПРОДУКЦИЈАТА ЗА 2020

    ПРЕДВРЕМЕНАТА ИСПЛАТА БЕЗ БАНКАРСКА ГАРАНЦИЈА ГО ИЗЕДЕ БУЏЕТОТ НА АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ, НЕИЗВЕСНА ПРОДУКЦИЈАТА ЗА 2020Директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија и претседателот на Управниот одбор во Агенцијата, Александар Касапинов на прес-конференцијата на 24 јуни. (Фото: Агенција за филм)

    Нема да биде законско спојувањето на двата годишни конкурси за филмска продукција за 2020 во еден, како што побарал директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија. Тој завчера на прес-конференција кажа дека поради вонредната состојба за коронакризата, наместо април-мај, резултатите од првиот одлучувачки рок на Агенцијата за филм за 2020 треба да се очекуваат на крајот на јули. Тој најави дека побарал од Министерството за култура годишниот конкурс за филмови да не биде во два рокови на одлучување, април и октомври како што беше досега пракса, туку да се спои. Но Министерството не дозволило.

    Министерството за култура во изјава за Радио Моф, потврдува дека не му дозволиле да се врши измена.

    „Евентуалната измена на Конкурс кој е завршен (затворен) ќе биде во директна спротивност со позитивните законски прописи, од причина со тоа што се нарушува начелото на владеење на правото и непосредно се создава состојба на правна несигурност на учесниците во постапката на Конкурсот. За Министерството за култура е од особено значење активностите во културата да не замрат, поради што и недонесувањето на одлука во предметниот рок исто така негативно би се одразило на континуитетот на филмската дејност во земјава. Особено од аспект на непотребно одложување на тековните активности на кои пандемијата нема влијание, како што се развојот на проекти и соработката со странски копродуценти и странски филмски фондови во развој на мнозински и малцински проекти“, стои во допис на Министерството до Агенција за филм од 23 април.

    Одлучувањето за првиот рок на конкурсот за 2020 може дополнително да се искомплицира и поради фактот што тригодишниот мандат на директорот Тозија завршува во почетокот на август, па ако нема резултати до тогаш, одлуката може да се одложи на подолг период, на штета на филмската продукција оти тоа практично значи дека годинава нема да биде одобрен ниту еден проект.

    Одобрениот буџет на Агенцијата за филм прво беше 175.6 милиони денари, а со кризниот ребаланс, што Владата го донесе на 15 мај, намален е на 131.3 милиони денари. (Фото: Радио МОФ)

    Агенцијата во периодот март-мај, со предвремените исплати без банкарски гаранции на 27 проекти одобрени на конкурсите од 2014 до 2019 потроши скоро пола годишен буџет. Одобрениот буџет на Агенцијата прво беше 175.6 милиони денари, а со кризниот ребаланс, што Владата го донесе на 15 мај, намален е на 131.3 милиони денари. За предвремената исплата во овој период, според датабазата Отворени финансии на Министерството за финансии, потрошени се околу 52 милиони во периодот март-мај 2020, и тоа не само за проекти кои се во поодмината фаза или завршени туку и за некои кои воопшто не се почнати.

    На 24 март, Агенцијата објави дека интервентно предвреме се исплатени 27 проекти кои се во поодмината фаза или завршени. Завчера на прес-конференцијата, директорот Тозија рече дека се исплатени 27-28 проекти кои се завршени, со вкупно околу 35 милиони денари. На листата исплатени, пак, што од Агенцијата ја доби Радио МОФ има 31 проект.

    Тозија на прес-конференцијата рече дека смалениот буџет со ребалансот е причината зошто барал да се спојат двата рока за одлучување на конкурсот за 2020 во еден.

    Според временската рамка на дописот од Министерството за култура, откако се извршени главните исплати на 17, 20 и 24 март, а пред најавениот кризен ребаланс, Тозија се обратил во Министерството за култура да му дозволи спојување на двата рока на конкурсот за 2020, што Министерството го одбило на 23 април.

    На листата исплатени од Агенцијата има 31 проект. (Фото: Радио МОФ)

    Антикорупциската комисија отвори предмет за истрага на предвремената исплата на сите одобрени филмски проекти од Агенцијата за филм. Предметот ја испитува законитоста на ургентното исплаќање на сите филмски проекти од страна на Агенцијата во март на почетокот на коронакризата. Комисијата побара Агенцијата да ја достави целосната документација како е вршена исплатата и веќе тече законскиот рок од 2 недели за доставата.

    Министерството за култура исто така реагира и дека немаат добиено извештај за законски основ како се потрошени парите за првите шест месеци од годинава. Директор на Агенцијата за филм поставува Владата, и институцијата за за својата работа одговара пред Владата, и доставува шестмесечен и годишен извештај, но Министерството континуирано врши контроли и во останатите единки корисници на буџетот над кои има надлежност.

    „Министерството за култура има сознанија за износот на потрошените средства од Агенцијата за филм во првите шест месеци од оваа година, но не и за законскиот основ според кој се потрошени средствата и за тоа дали средствата се потрошени наменски согласно Законот за филмската дејност“, изјавиле од кабинетот на министерот Хусни Исмаили.

    Заради утврдување на фактичката состојба за средствата, Министерството со допис бр. 53-6500/2 од 26 мај побарало Агенцијата да достави Извештај, но нема информација дали добиле одговор.

    „И од аспект на законското и наменското користење на средствата на Агенцијата, Министерството ќе постапи во согласност со позитивните законски прописи“, велат оттаму.

    Министерство за култура нагласува дека вонредната состојба од аспект на финансирањето на филмската дејност, не дава никаков основ да се прават исклучоци во примената на Законот за филмската дејност. Тоа важи и за реализација на започнати филмски проекти и нивна исплата.

    „Од тој аспект не станува збор за посебни финансиски мерки за филмските работници кои се применуваат за вонредна состојба, туку за тековно финансирање на филмската дејност под услови утврдени со Закон, кои во предметниот период се поажурно спроведени од Агенцијата“, велат од Министерството.

    Според Законот за филмска дејност, Агенцијата ги исплаќа филмските проекти во фази, а филмскиот продуцент пред склучување на договорот за секоја фаза во соодветен рок треба да достави банкарска гаранција во висина од 25% од износот на средства кои ги исплаќа Агенцијата.

    Директорот на Агенцијата Тозија завчера на прес-конференцијата кажа дека предвремената исплата на сите одобрени филмски проекти од Агенцијата е извршена без банкарска гаранција, оти во договорите имало член за виша сила кој е активиран.

    „Ако филмот е 95 проценти завршен не може да го оптоварувате продуцентот во ваква ситуација да ви носи банковна гаранција. Потпишани се изјави од продуцентите да ги завршат сите обврски, а парите се дадени не за продуцентите, туку за слободните филмски работници, кои се во моментов најзагрозени тие да бидат исплатени. Ова беше еден вид на виша сила, не требаат банковни гаранции, документации ситни малечки, административно да кажам беше преоптеретен тој дел и се надевам дека со новиот закон ќе ги решиме тие работи. Јас се повикав на тој член, консултирав правници и од сите страни беше кажано дека тој член може да се примени. Пак ќе кажам, тоа е за завршени филмови. Јас не гледам тука грешка, ако сум згрешил со задоволство ќе станам и ќе одговарам“, рече Тозија на прес-конференцијата.

    Професорот по авторско право и адвокат Валентин Пепељугоски, го оспорува како неточно ваквото толкување од Законот. Тој вели дека и Законот и склучените договори се многу јасни и оти банкарската гаранција е обврска која мора да биде дадена, за Агенцијата за филм да додели пари.

    „Членот кој се однесува на ‘виша сила’, кој е цитиран, зборува дека во случај на виша сила или вонредна околност, банкарската гаранција нема да се активира. Директорот мора да побара банкарска гаранција, а негово право е да одлучи дали се исполнети условите во секој проект, секој случај поединечно, дали ќе ја активира банкарската гаранција“, вели Пепељугоски за Радио МОФ и додава: „Не е точно дека парите се исплаќаат за независните филмски работници, бидејќи парите Агенцијата ги исплаќа на продуцентите. А продуцентите ги исплаќаат согласно договорите што ги имаат склучено со филмските работници“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира