ПРЕДВРЕМЕНАТА ИСПЛАТА НА ФИЛМАЏИИТЕ E БЕЗ БАНКАРСКИ ГАРАНЦИИ ОТИ E АКТИВИРАН ЧЛЕНОТ ЗА ВИША СИЛА ОД ДОГОВОРИТЕ, ВЕЛИ ТОЗИЈА

    ПРЕДВРЕМЕНАТА ИСПЛАТА НА ФИЛМАЏИИТЕ E БЕЗ БАНКАРСКИ ГАРАНЦИИ ОТИ E АКТИВИРАН ЧЛЕНОТ ЗА ВИША СИЛА ОД ДОГОВОРИТЕ, ВЕЛИ ТОЗИЈАДиректорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија и претседателот на Управниот одбор Александар Касапинов на денешната прес-конференција. (Фото: Агенција за филм)

    Директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија вели дека предвремената исплата на сите одобрени филмски проекти од Агенцијата е извршена без банкарска гаранција, оти во договорите нив имало член за виша сила кој е активиран.

    Во однос на исплатените средства за 27-те проекти во вкупна вредност од околу 35 милиони денари, Тозија кажа дека сите овие филмови се завршени со снимање и останува мал дел околу монтажата, поради што вели, нема потреба од банковна гаранција, а во случајов е активиран и членот од договорите каде како причина за тоа е наведена виша сила.

    „Ако филмот е 95 проценти завршен не може да го оптоварувате продуцентот во ваква ситуација да ви носи банковна гаранција. Потпишани се изјави од продуцентите да ги завршат сите обврски, а парите се дадени не за продуцентите, туку за слободните филмски работници, кои се во моментов најзагрозени тие да бидат исплатени. Ова беше еден вид на виша сила, не требаат банковни гаранции, документации ситни малечки, административно да кажам беше преоптеретен тој дел и се надевам дека со новиот закон ќе ги решиме тие работи. Јас се повикав на тој член, консултирав правници и од сите страни беше кажано дека тој член може да се примени. Пак ќе кажам, тоа е за завршени филмови. Јас не гледам тука грешка, ако сум згрешил со задоволство ќе станам и ќе одговарам“, рече Тозија на прес-конференцијата.

    Антикорупциската комисија има отворено предмет за истрага на предвремената исплата на сите одобрени филмски проекти од Агенцијата. Предметот ја испитува законитоста на ургентното исплаќање на сите филмски проекти од страна на Агенцијата за филм во март на почетокот на коронакризата. Оттаму во понеделникот ни изјавија дека веќе од вторник ќе биде испратен допис до Агенцијата во кој бараат да биде доставена целосната документација како е вршена исплатата. Согласно законот, Агенцијата има рок од две недели да им ги достави потребните документи.

    Кај предвремената исплата на проектите, спорно е што за најголем дел од исплатените проекти нема од продуцентите ниту банкарски гаранции ниту документација за завршени претходни фази. Во согласност со Законот за филмска дејност, филмскиот продуцент пред склучување на договорот во соодветен рок треба да достави банкарска гаранција во висина од 25% од износот на средства кои ги исплаќа Агенцијата.

    Со мерката која Агенцијата ја најави на 24 март, за два работни дена исплатила вкупно 27 филмски проекти, како што соопшти тогаш, „кои се во поодмината фаза на реализација односно оние кои се завршени или се пред завршување“, „за да им се помогне на независните филмски работници (фриленсери) и продуцентските куќи“.

    Но, во датабазата Отворени финансии на Министерството за финасии, се гледа дека меѓу исплатените има и повеќе проекти кои не се ниту почнати. Според датабазата, во периодот март-мај 2020, има околу 50 исплати со вкупно близу милион евра, на проекти кои се одобрени на конкурсите на Агенцијата од 2014 до 2019 година. Главните исплати се на 17, 20 и на 24 март.

    Од Антикорупциска комисија ни рекоа дека за Тозија имаат добиено уште две пријави за кои се водат случаи, врзани со судир на интереси во Агенцијата и за Конкурсот за поддржани филмски проекти, кој беше објавен во јануари годинава, а за кој сѐ уште не се објавени резултатите.

    Тозија денес кажа дека резултатите од Конкурсот за финансирање на производство на долгометражен и краткометражен, игран, документарен и анимиран филм за 2020 ќе бидат објавени кон крајот на месец јули.

    Тозија денеска рече дека до него не е стигната кривичната пријава од продуцентот Роберт Насков и продуцентската куќа „Партизанс“ за неовластена продажба на филмот „Ослободување на Скопје“.

    Пријавата се однесува за филмот од 2016 „Ослободување на Скопје“, во режија на Данило и Раде Шербеџија, каде мнозински продуцент со 69 отсто е „Партизанс“, додека копродуценти се „МП филм продакшн“ од Хрватска и „Арт филмс продакшн АФП“ од Финска. Филмот се снимаше на крајот на 2014, а премиерата беше во октомври 2016. Тозија во тој период бил ангажиран како надворешен соработник на филмот, но заедно со хрватскиот копродуцент Игор Нола, без знаење на главниот продуцент Насков, ги продале правата на филмот на дистрибутери од Холандија и од Италија. Во 2016 „Ослободување на Скопје“ беше и македонски кандидат за Оскар. Со оглед дека Агенцијата за филм во 2014 го поддржа овој филм со 1.25 милиони евра, Насков и Поповски сметаат дека Тозија, кој стана директор на Агенцијата во август 2017, претходно со неовластената продажба го оштетил буџетот со над 20.000 евра, оти дел од парите за дистрибуција треба да се вратат во Агенцијата.

    „До мене не е стигната пријавата. За ‘Ослободување на Скопје’ бев ангажиран како фриленсер, тогаш не бев директор на Агенција за филм. На Насков му посакувам многу среќа со серијата, ако е задовоен со тоа што го снимил. ТВ-серијата е исплатена речиси 93-94 отсто. Јас немам ништо со тоа, за тоа одлучува петчлен Управен одбор на чело со Александар Касапинов. Од Насков се бара дополнителна документација за да бидат исплатени сите средства. Таму е спорно што пријавено е дека една епизода ќе трае 30 минути, а на крајот излезе дека траат од по 19-20 минути, а парите се исплатени како да се за 30 минути“, рече Тозија.

    „Официјално е побарано од ДФПМ ‘Кино око’ ДООЕЛ Скопје, да ја достават документацијата која се однесува на промени настанати во буџетот зареализација на играната серија, кој во текот на реализацијата се зголемил, а притоа согласно доставената документација за промена на буџет во Агенцијата, износот се разликува со оној кој е наведен во копродукцискиот договор помеѓу ДФПМ Кино Око ДООЕЛ Скопје и Македонската радио телевизија, која исто така има доделено средства за реализација на проектот“, рече Касапинов.

    Тозија на денешниот прес говореше и за сите досегашни проекти на Агенцијата, за протоколите според Комисијата за заразни болести како во иднина ќе се снимаат филмови, и веќе за крајот на јули го најави снимањето на филмот на режисерката Елеонора Венинова. Најави и дека „Снежана на крајот умира“ дебито на Кристијан Ристевски ќе се презентира пред агенти и финансиери на фестивалот во Карлови Вари, а на е-павилјонот на маркетот на Канскиот фестивал Македонија ќе презентира 8 играни филмови.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари