ВО МАЛА РЕЧИЦА ПОЧНА ДА СЕ ГРАДИ ОСНОВНО УЧИЛИШТЕ, ОД ОПШТИНА ТЕТОВО ВЕЛАТ ДЕКА НЕ ГО ПРЕКРШУВААТ ИЗБОРНИОТ ЗАКОНИК

    ВО МАЛА РЕЧИЦА ПОЧНА ДА СЕ ГРАДИ ОСНОВНО УЧИЛИШТЕ, ОД ОПШТИНА ТЕТОВО ВЕЛАТ ДЕКА НЕ ГО ПРЕКРШУВААТ ИЗБОРНИОТ ЗАКОНИКОд Општина Тетово велат дека сите процедури биле завршени пред почетокот на изборната кампања и дека камен темелник ќе биде поставен по изборите (Фото: Фејсбук)

    Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи и претседавачот на Советот Беким Мемети објавија фотографии дека почна да се гради основното училиште во Мала Речица.

    „Со завршувањето на сите технички и подготвителни документи, полека започнаа и работите на терен за изградба на основното училиште ‘Наим Фрашери‘ во Мала Речица“, напиша Арифи на Фејсбук, додека Мемети кажа дека ова е уште едно остварено ветување на неговата партија и повика да се гласа за неа, наведувајќи го редниот број на гласачкото ливче.

    „Во овој период пред избори не смее да има никакво градење. Не смее да се започнува со изградба на инфраструктурни објекти и објекти од социјални дејности и образование. Тоа јасно го пишува во Изборниот законик“, изјави Билјана Ивановска, преседателка на Државната комисија за спречување корупција.

    Од Општина Тетово велат дека нема нарушување на Изборниот законик и дека сите процедури се запазени.

    „Станува збор за капитален проект кој го реализира Министерството за образование во соработка со Општина Тетово, за кој сите процедури се уредно завршени пред почетокот на изборната кампања, но работите на терен ќе започнат по завршување на парламентарните избори, односно официјалното ставање на камен темелник ќе се изврши тогаш. На тоа место е поставена табла на изведувачот уште пред почетокот на изборната кампања, со што се запазени сите законски процедури“, соопштуваат од Канцеларијата за комуникации и односи со јавност при Општина Тетово.

    Во член 8-а, алинеа 3 од Изборниот законик стои дека „неопходни активности кои не можат да се вршат се започнување изградба со средства од буџетот, од јавни фондови или со средства на јавни претпријатија и други правни лица што располагаат со државен капитал на нови објекти во инфраструктурата, како патишта, водоводи, далноводи, канализација и спортски игралишта или на објекти за општествени дејности, како училишта и градинки, освен ако за таа намена претходно не се обезбедени средства од буџетот, односно се работи за реализација на програма донесена врз основа на закон во тековната година“.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира