ПАЦИЕНТ СО ПСИХИЧКИ ПРОБЛЕМИ ГО НАТЕПАЛ ДОКТОРОТ КОЈ ГО ПРЕГЛЕДУВАЛ ВО ТЕТОВСКАТА БОЛНИЦА

    ПАЦИЕНТ СО ПСИХИЧКИ ПРОБЛЕМИ ГО НАТЕПАЛ ДОКТОРОТ КОЈ ГО ПРЕГЛЕДУВАЛ ВО ТЕТОВСКАТА БОЛНИЦАДодека траел прегледот пациентот го нападнал докторот, првин на двапати со клоци го удрил по стомакот, а потоа и по надколеницата; - Тетовската болница. (Фото: СДК.МК)

    Лекар од Клиничката болница во Тетово вчера бил нападнат од пациент кој бил донесен на Психијатриското одделение за преглед. Пациентот бил крајно агресивен и успеал на трипати да го удри докторот пред да биде совладан од роднините кои дошле со него и од медицинскиот персонал, а набрзо дошла и полицијата.

    „Вчера во 8.25 часот 47-годишен лекар од тетовската Клиничка болница во СВР Тетово пријавил дека на Психијатриското одделение физички бил нападнат од 32-годишниот пациент К. И. од тетовско Боговиње, по што бил смирен и испратен за хоспитализација во скопска болничка установа“, соопшти портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.

    Според болнички извори, пациентот кој и претходно имал психички проблеми и се лечел по приватни здравствени установи, утрото бил донесен од таткото, братот и сопругата на преглед во психијатриското одделение на Тетовската болница. Во еден момент, додека траел прегледот го нападнал докторот. Првин на двапати со клоци го удрил по стомакот, а потоа му задал удар и по надколеницата. На ова, веднаш реагирале од семејството и успеале да го спречат пациентот  и понатаму да го удира докторот, а на помош притрчал и медицинскиот персонал.

    Била повикана и полицијата. Пациентот набрзо бил смирен и со болничко возило бил однесен во Скопје во соодветна здравствена установа. По инцидентот, нападнатиот доктор поднел пријава до СВР Тетово дека бил нападнат од пациент.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира