Ако Уставниот суд го поништи ставот 5 од членот 353 од Кривичниот законик, со минимум 5 години затвор за министрите и други високи функционери – потписници на незаконски јавни набавки со кои го оштетиле значително државниот буџет, застаруваат сите предистраги, истраги, обвиненија на СЈО, но и пресудени случаи од организиран криминал од 2004 година наваму, откога почнал да се применува.
„Заборавете на членството на Република Северна Македонија во Европската унија ако овој став го поништи Уставниот суд“, е пораката претставниците на земјите членки на ЕУ, кои будно го следат судството и судењата на најголемите корупциски случаи кои пред 4 години ги отвори Специјалното обвинителство.
Конечното одлучување се случува по дури 8 месеци откако беше одржана расправата. Со иницијативата се бара ставот 5 веќе да не постои. Поништување би значело затворски казни предвидени со став 1 од истиот член, односно од 6 месеци до 3 години. Тука повеќето од отворените истраги и почнатите судски процеси за вакви кривични дела ќе застарат и ќе се прекинат, бидејќи почнуваат да се пресметуваат други, покуси рокови за застареност.
Со иницијативата поднесена од адвокат на обвинети од СЈО од Скопје, се бара или да не постои веќе ставот 5 од 353, или тој да се намали на минимална казна за тие што го оштетиле Буџетот со јавни набавки, на 4 години. И само со намалување на 4 години, односно со враќање на одредбата која важела од 2004 до 2009 година, ќе имаат полза обвинетите и осомничените, зашто со 5 не може, ама со минимална казна од 4 години за вакво дело, судиите може да изрекуваат само условни казни за обвинетите.
Уште кога беше поднесена оваа иницијатива, се зборуваше дека целта е да се спасат од кривичен прогон или од затворски казни обвинетите: Никола Груевски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Елизабета Канческа-Милевска, Игор Јанушев и други поранешни функционери. Но и актуелните за кои веќе има отворено предистраги, зашто ќе се отвори можност за овие сериозни кривични дела за самоволие со народните пари од позиција на висока функција, да добиваат само условни казни.
Обиди за измена на Кривичниот законик во однос на ставот 5 имаше од формирањето на СЈО. На 3 август 2018 година лидерската средба за организирање на референдум за влез во НАТО и во ЕУ, според тогашниот премиер Зоран Заев, беше искористена за условување од неговиот политички противник Христијан Мицкоски со намалување и на минималната казна за злоупотреба на буџетски средства, или со тргање на ставот 5 од членот 353, со што би застареле сите предмети на СЈО.
С. К. ДЕЛЕВСКА