За три четвртини е намален протокот на грчки државјани на граничниот премин Меџитлија-Ники поради коронакризата. Службите на граничниот премин посочуваат дека пред епидемијата дневно доаѓале до 2.000 посетители од Грција, а сега околу 500. Рампата на границата од македонската страна е подигната уште од 26 јуни, но дневно минуваат околу 150 возила со грчки регистарски таблички.
„Страв им е на луѓето поради коронавирусот. Доаѓаат за нафта и друго гориво. Нѐ пуштаат на грчка граница, немаме проблем. Никој ништо не вели. Зеленчук можеме да внесеме, но месо и млечни производи не оставаат. Сепак, народот се плаши да доаѓа како порано“, вели Костас Котопулус од Лерин.
Грчките државјани од северните делови на Грција пред појавата на коронавирусот масовно доаѓаа на пазарување во Битола. Тука се облекува, правеа фризури, поправаа заби, посетуваа казина и ресторани. Сега најчесто можат да се сретнат по бензински пумпи и бутици.
„Муштериите велат дека кај нив имало информации дека има премногу заболени тука и им било страв да доаѓаат“, вели битолчанецот Сашо Видановски.
Протокот бележи благ пораст во пазарните денови во Битола, вторник и петок.
„Во изминатите години доаѓаа и до 2.000 патници дневно, сега таа бројка е намалена на околу 500. Кризата со ковид-19 придонесе кај тамошното население да има загриженост и исплашеност од состојбите“, рече Киро Крстевски, помошник командир на полициската станица на граничниот премин Меџитлија.
Грчката граница и натаму останува затворена за македонските државјани.
Ж. ЗДРАВКОВСКА