Населението во Битола е прилично олабавено, не се почитува дистанца во рестораните и кафулињата, а често не се носи маска, предупреди Кризниот штаб од Битола по вчера евидентираните нови 11 случаи позитивни на ковид-19. Од Кризниот штаб уште еднаш испратија апел до населението да биде внимателно, да се почитуваат сите мерки и протоколи за заштита, а граѓаните да одржуваат редовна хигиена на рацете, да носат заштитна маска и да ја почитуваат социјалната дистанца.
Градоначалничката Наташа Петровска побара поажурно делување на надлежните институции на терен, во насока на превентивно делување. Директорката на Центарот за јавно здравје Елизабета Крстева истакна дека нема критичност во епидемиолошката слика со појавата на оваа бројка, која е од техничка природа и доаѓа од промената на пристапот на тестирање. Во претходните десетина дена, најголемиот дел од термините за тестирање преку системот „Мој термин“ биле зафатени од Кичево, така што по поделбата на соодветен број термини во регионот, состојбата се нормализирала и оваа бројка е последица на подолг временски период, а не само на еден ден.
Изминатите регистрирани случаи во Битола доаѓаат од веќе позната средина, односно од познати четири кластери, каде што лицата се поврзани.
Ж. ЗДРАВКОВСКА