Пожарот што денеска избувна во катедралата во Нант е можеби намерно предизвикан, изјавија обвинителите.
„Лоцирани се три огнови и покрената е истрага за намерно подметнување“, изјави обвинителот Пјер Сенес.
Во пожарот се уништени прозорците и големите оргули во катедралата Сен Пјер и Сен Пол, која датира од 15. век. Ова следува една година по големиот пожар во Нотр Дам, но властите велат дека сега не станува збор за исто сценарио.
„Пожарот е сконцентриран на оргулите, кои целосно се уништени. Платформата на која што се сместени е многу нестабилна и постои ризик од уривање. Покривот не е оштетен“, изјави шефот на противпожарната служба во Нант Лоран Ферле.
Пожарот почнал во утринските часови и го гаснеле над 100 пожарникари.