Швајцарската влада кажа дека пластичните визири се несоодветна заштита од коронавирусот и треба да се носат само во комбинација со заштитна маска.
Ова следува откако здравствените власти го истражиле неодамнешното ширење на коронавирусот меѓу вработените во еден хотел во кантонот Граубинден, при што било утвредено дека се заразиле само оние кои носеле пластичен визир, не и заштитна маска. Неколкумина вработени, како и еден гостин, имале позитивен тест.
„Се покажа дека биле заразени само оние вработени кои носеле пластичен визир. Немало ниеден случај на зараза меѓу вработените кои носеле маска. Заразен е и еден гостин, но знаеме дека бил послужуван од вработен кој носел визир“, изјави Рудолф Лојтхолд, шефот на здравствената служба во кантонот.
И Федералниот институт за јавно здравје предупреди дека се зголемува бројот на заразени меѓу оние кои носат само визир.
„Тие не можат да бидат алтернатива за маските. Визир треба да се носи во комбинација со маска заради дополнителна заштита“, изјави портпаролот на Институтот, Ив Улман.