ДЕПОНИЈАТА РУСИНО Е ВО НАДЛЕЖНОСТ НА ОПШТИНА ГОСТИВАР, НИКОМУ НЕ СМЕ ОДЗЕЛЕ ИНГЕРЕНЦИИ, ВЕЛАТ ОД ВЛАДАТА

    ДЕПОНИЈАТА РУСИНО Е ВО НАДЛЕЖНОСТ НА ОПШТИНА ГОСТИВАР, НИКОМУ НЕ СМЕ ОДЗЕЛЕ ИНГЕРЕНЦИИ, ВЕЛАТ ОД ВЛАДАТАДепонијата Русино во гостиварско постојано се пали изминативе месец и пол и неретко густиот чад доаѓа и до Гостивар, иако таа е оддалечена речиси 10 километри од градот. (архивска фотографија)

    Општина Гостивар, преку ЈКП Комуналец од Гостивар има обврска да наплаќа за секој тон депониран отпад кој се одлага на депонијата Русино и со тие средства да ја одржува локацијата, со минимални технички услови за заштита на животната средина, спречување на влез на неформални лица, обезбедување од пожари и слично, велат од Владата и додаваат дека досега на ниту една општина не ѝ се одземени ингеренциите за управување со отпадот.

    Депонијата Русино во гостиварско постојано се пали изминативе месец и пол и неретко густиот чад доаѓа и до Гостивар, иако таа е оддалечена речиси 10 километри од градот. На ова бурно реагираа гостиварските екологисти и градоначалникот Арбен Таравари и тие се сомневаат дека ѓубрето намерно се пали. Таравари на 9 јули изјави и дека Општина Гостивар нема никакви ингеренции врз депонијата, туку надлежен орган е Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).

    „Ингеренциите ни се одземени пред две и пол години“, кажа тогаш Таравари.

    Од Владата денеска велат дека Законот за управување со отпадот ја дава единствено можноста Владата да ја преземе обврската за воспоставувањето на регионалниот систем, доколку општините не го сторат тоа самостојно.

    „Владата информира дека досега не ги одземала ингеренциите за управување со отпадот на ниту една општина во земјата. Надлежноста и обврските за собирање, селектирање, транспорт и депонирање на комуналниот отпад, како и одржување на нестандардните локации за отстранување на отпадот се на единиците на локалната самоуправа, односно општините“, соопшти Владата.

    Што се однесува до полошкиот регион, велат од Владата, беа обезбедени средства за подготовка на Регионален план за управување со отпадот и Стратешка оценка на влијанието врз животната средина. Во согласност со планот, МЖСПП блиску соработува со Швајцарскиот секретаријат за економски прашања за инвестирање на 8 милиони евра за изградба на централен објект за управување со отпад – регионална депонија за комунален отпад во Русино, на местото на постоечката нестандардна депонија што ќе ги опслужува граѓаните во сите општини во регионот и изградба на две трансфер станици со вкупно инвестициони трошоци од 1 милион евра.

    „До започнувањето на функционирањето на јавното регионално претпријатие „ЗЈП Русино/Полог“ и проектните активности за изградба на Русино во стандардна депонија со сите пропратни заштитни мерки согласно законот, обврската за оперирање со постоечката локација во Русино е се уште надлежност на општина Гостивар и ЈКП Комуналец од Гостивар“, се вели во владиното соопштение.

    Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања ќе придонесе во финансирање на проектот „Управување со цврст отпад во Полошкиот регион“ со грант од 1,9 милиони франци. Проектот опфаќа мерки за подобрување на управувањето со цврст отпад, а во план е и надградба на депонијата Русино кај Гостивар, која треба да прерасне во инженерски дизајнирана санитарна депонија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира