Седумнаесет пациенти се позитивни на ковид-19 во Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ во Скопје, соопшти Болницата. Оттаму велат дека на 3 август добиле повратна информација од страна на Институт за јавно здравје Скопје за 2 пациенти позитивни на ковид-19, по испратени брисеви за обработка во рамки на едно одделение во објектот Геријатрија.
По добиената информација, веднаш е постапено согласно со протоколите за изолирање на болните од останатите пациенти и спроведување на епидемиолошка анкета на вработени за спречување на ширење на инфекцијата и мерки за дезинфекција.
„Веднаш е спроведен скрининг на вработените од одделението и детектирани се 3 вработени позитивни на ковид-19 кои веднаш се исклучени од работниот процес и пријавен е случајот во Центарот за јавно здравје-Скопје и Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Од овој кластер, до сега се детектирани 17 позитивни пациенти, 2 се со потешка клиничка слика и транспортирани се на Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, додека 3 се асимптоматски и префрлени се за лекување во новиот ковид центар во рамки на болницата Козле. Останатите позитивни пациенти од ова одделение остануваат на лекување во нашата Установа, а Комисијата за интрахоспитални инфекции во соработка со ДСЗИ и Центарот за јавно здравје спроведе соодветни протоколи за работа со вакви пациенти“, велат од Болницата.
Оттаму додаваат дека пациентите кои се позитивни на ковид-19 во нивната установа се асимптоматски, се следи постојано нивната клиничка слика, и ако се влоши ќе се направи обид да се префрлат во постоечките ковид центри.
„Сакаме да напоменеме дека установата до сега успешно се избори со ковид-19 пандемијата и имаше неколку изолирани случаи кои се очекувани во оваа ситуација и успешно се менаџирани, се со цел навремено сузбивање на ширењето на инфекцијата. Ги преземаме сите мерки за заштита и спречување на истата, но мора да се има предвид фактот дека станува збор за вирусно заболување со сѐ уште непозната етиологија и начин на ширење, сите ние континуирано учиме и паралелно се справуваме со оваа светска криза“, додаваат од Болницата.
Б. НЕСТОРОСКА