Побарувањето по основ на своите депозити во „Еуростандард банка“, на која вчера Народна банка (НБМ) ѝ ја укина дозволата за основање и работење и е исклучена од платниот промет во земјата и странство, депонентите-правни лица ќе може да го остварат од стечајната маса на банката, а се сметаат за пријавени со денот на отворање на стечајната постапка во банката. Нема потреба да се поднесува посебно барање или да се пријави своето побарување по основ на депозит од стечајната маса на банката, вели НБМ во деталното соопштение за депонентите.
НБМ вчера најави дека денеска до надлежниот суд ќе достави предлог за отворање стечајна постапка во банката, а дека со отворањето на стечајот се очекува брза и ефикасна наплата на побарувањата на доверителите.
За другите побарувања на средства кои не се по основ на депозит, доверителите на банката треба да ги пријават во рок кој ќе биде определен со решението на судот за отворање на стечајната постапка во банката, а кој не може да биде подолг од 20 дена. Потоа, овие доверители ќе треба своите побарувања да ги намират од стечајната маса на банката во соодветна постапка, вели НБМ.
Со оглед дека „Еуростандард банка“ е исклучена од платниот промет од земјава и странство, и правните како и физичките лица нема да се во можност да ги користат своите сметки таму, и ако веќе немаат во други банки треба да отворат нови сметки.
„Ако имате сметка во друга банка, со цел за непречено деловно работење потребно е да ја користите таа сметка. Претходно, потребно е да ја контактирате банката во којашто е отворена сметката (преку е-пошта или преку телефонскиот контакт-центар) за да се информирате дали е потребно да ги ажурирате вашите податоци. Доколку немате сметка во друга банка, потребно е да отворите сметка во некоја од останатите банки во земјата, по ваш избор. Со цел непречено да остварувате парични приливи во иднина, препорачуваме сите правни и физички лица со кои имате деловна соработка, писмено да ги известите за промената на сметката на правното лице, при што ќе ги наведете бројот на сметката и банката во која таа е отворена“, велат од НБМ.