ЗА ЛИКВИДАЦИЈАТА НА ЕУРОСТАНДАРД БАНКА Е ВИНОВНО БИВШОТО РАКОВОДСТВО, ЌЕ ПОДНЕСЕМЕ КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ПРОТИВ УПРАВНИОТ ОДБОР, КАЖА АКЦИОНЕРОТ ТРИФУН КОСТОВСКИ

    ЗА ЛИКВИДАЦИЈАТА НА ЕУРОСТАНДАРД БАНКА Е ВИНОВНО БИВШОТО РАКОВОДСТВО, ЌЕ ПОДНЕСЕМЕ КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ПРОТИВ УПРАВНИОТ ОДБОР, КАЖА АКЦИОНЕРОТ ТРИФУН КОСТОВСКИСемејството Костовски има загуба од 60-70 милиони евра од пропаѓањето на Еуростандард банка, кажа акционерот и претседател на Надзорниот одбор Трифун Костовски. - Трифун и Коста Костовски на денешната прес-конференција (Фото: МИА/принтскрин)

    Трифун Костовски, акционер и поранешен претседател на Надзорниот одбор на Еуростандард банка, за ликвидацијата на банката го обвини бившото раководство, на чело со поранешниот претседател на Управниот одбор Николче Петковски. На денешната прес-конференција, на која беше присутен и синот Коста, Костовски најави дека ќе поднесе кривични пријави против управниот одбор, но и дека ќе ги тужи државата и Народна банка, откако завчера Народната банка ѝ ја одзеде дозволата за работа на Еуростандард банка и побара од Основниот граѓански суд да отвори стечај.

    „Нашата вина ја лоцираме при изборот на управниот одбор. Управниот одбор буквално нè пренесе жедни преку вода. Јас претседател на Надзорен одбор, а Коста претседател на Комисијата за одобрување кредити, нè наместија да бидеме луѓе за отстрел. Против тој управен одбор ќе поднесеме кривични пријави за злоупотреба на капиталот на банка и сметките на приватните и правните лица во банката со манипулативни трансакции. Горан Трајковски дојде во време кога Народна банка веќе презеде чекори за наше ликвидирање. Ќе беше полесно и за нас и за клиентите да нè ликвидираше пред година дена. До крајот на годината влегоа свежи 10 милиони евра во банката. Стечајот на банката нема да го амнестира бившото раководство, додека сум жив ќе ги гонам тие лица и нема да ги оставам на мира“, изјави Трифун Костовски.

    Тој рече дека неговото семејство има загуба од 60-70 милиони евра од пропаѓањето на банката. За стечајот на банката рече дека дознал од прес-конференцијата на гувернерката на Народна банка Анита Ангеловска-Бежоска. Ја обвини Народна банка дека комплетно ги маргинализирала можните купувачи или инвеститори во банката со бирократско однесување и нетолерантност.

    „Имавме потенцијален партнер кој потроши стотина илјади евра да направи длабинско снимање на банката за нејзино преземање. За жал, Народна банка не одвои ниту пет минути да му овозможи на тој инвеститор да допатува во земјава и да разговара. Ќе ја тужиме Република Македонија и Народна банка за нанесена штета на акционерите и коминтентите на банка и доколку таа оштета ја добиеме ќе биде наменета за обесштетување на нашите коминтенти“, рече Трифун Костовски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира