Премиерката на Нов Зеланд Џесинда Ардерн ги одложи парламентарните избори за четири недели поради последното ширење на коронавирусот во Окленд. Тие беа закажани за 19 септември, но сега се поместени за 17 октомври.
Опозициските партии побараа одложување на изборите откако минатата недела, владата го стави Окленд во двонеделен карантин. Пред тоа, Нов Зеланд беше 102 дена без нов случај на локално пренесување на коронавирусот и животот се врати во нормала за најголем дел од луѓето, при што повторно беа отворени рестораните и училиштата. Единствените познати случаи на коронавирус во меѓувреме беа лицата кои дошле од странство, кои се ставаат во карантин уште на границата.
Денеска се потврдени нови девет случаи на зараза, со што бројот на активни случаи кои се поврзуваат со кластерот во Окленд порасна на 58.