Австралија постигна договор со компанијата „АстроЗенека“ за снабдување со потенцијална вакцина против ковид-19 и премиерот Скот Морисон кажа дека сите 25 милиони жители ќе ја добијат бесплатно доколку тестирањата бидат успешни.
„АстроЗенека“ ја развива вакцината во соработка со Универзитетот Оксфорд и таа е веќе во напредна фаза од тестирањето, во што учествуваат илјадници доброволци.
„Вакцината на Оксфорд е една од најнапредните и најветувачки на светот и со договорот што го постигнавме, таа ќе биде достапна за секој Австралиец. Ако се докаже дека е безбедна и ефективна, сите 25 милиони жители на Австралија ќе ја добијат бесплатно“, кажа Морисон.
Тој во прв момент изјави дека вакцината ќе биде задолжителна, но потоа се исправи и кажа дека Австралијците ќе бидат охрабрувани да ја примат.
„Никого нема да тераме да ја прими вакцината. Не постои задолжителна вакцина во Австралија“, рече Морисон.