ТЕТОВСКИТЕ ПЕНЗИОНЕРИ ДОБИЈА БЕСПЛАТНИ ИНТЕРНИСТИЧКИ ПРЕГЛЕДИ

    ТЕТОВСКИТЕ ПЕНЗИОНЕРИ ДОБИЈА БЕСПЛАТНИ ИНТЕРНИСТИЧКИ ПРЕГЛЕДИПрегледите ги врши д-р Павле Спасеноски, специјалист радилог, субспецијалист за болести на дојка, во просториите на пензионерскиот дом во Тетово. (Фото: СДК.МК)

    Во овој период на пандемијата со ковид-19, кога здравствените установи се преокупирани со лекување на заразаните од овој вирус, пензионерите од Тетово добија можност за бесплатни интернистички прегледи. Прегледите ги врши д-р Павле Спасеноски, специјалист радилог, субспецијалист за болести на дојка, во просториите на пензионерскиот дом во Тетово.

    „Идејата беше како да им се помогне на пензионерите да ги избегнат долгите чекања за преглед во болниците и клиниките и воедно да можат почесто да го контролираат своето здравје. Со прегледите почнавме од јануари но, кога изби заразата со коронавирусот, моравме да ја прекинеме работата. Откако се сменија протоколите, од минатата недела повторно започнав со прегледи. Сега интересот за прегледи кај пензионерите уште повеќе се зголеми, бидејќи здравствените установи во најголемиот дел се преокупирани со заразените од коронавирусот па потешко се доаѓа до термин за преглед. Иако овде станува збор за една мала ординација, строго ги запазуваме сите здравствени протоколи, од дезинфекција, носење заштитна маска, избегнување групирање на пациентите, односно пензионерите. Ехо апаратурата е моја сопственост, а за останатиот материјал, опрема и креветот, помош добивме од Здравствениот дом во Тетово. Овде се вршат ехо дијагностички прегледи на абдоменалните органи, на панкреасот, црниот дроб, простата, бешика, ехо на дојка но, понекогаш пензионерите доаѓаат и чисто за една здравствена консултација“, вели д-р Спасеноски, кој и самиот од неодамна е пензионер, а долги години беше началник на радиолошкото одделение во Клиничката болница во Тетово.

    Пензионерите кои доаѓаат на преглед се многу задоволни. Велат вака се избегнуваат турканиците по болниците и долгите чекања за преглед, а со доктор Павле во секој момент може да се направи и еден убав муабет, не само за болеста туку и за многу други работи.

    „Јас првпат доаѓам на преглед. Видов на огласната табла во пензионерскиот дом дека д-р Павле започнал да врши прегледи и еве денеска дојдов и јас да направам една контрола. Д-р Павле беше првиот доктор кој ми ја најде вистинската дијагноза за мојата болест. Редовно одев кај него и додека работаше во Тетовската болница, а еве и сега ја користам оваа можност да си направам контрола овде во пензионерскиот дом без да чекам долги редови во болница“, велат пензионери кои чекаа на ред за преглед.

    Иницијативата за вакви прегледи потекна од Здружението на пензионерите од Тетово.

    „Д-р Павле со големо задоволство се нафати преку овие прегледи да им помогне на нашите пензионери. Тој целата оваа работа ја врши волонтерски, а сите прегледи се бесплатни. Преку тоа се гледа и неговата голема хуманост која го пратела и додека бил лекар во Тетовската болница и сега, кога и самиот е пензионер. Прегледите ги врши во вторник и петок, а ние преку соопштенија испратени до сите ограноци на Здружението на пензионерите го известивме нашето членство. Одѕивот на пензионерите за бесплатни прегледи е одличен“, вели Селвер Мемети, претседател на Здружението на пензионерите од Тетово.

    „Од изутринава имав пет пациенти, а еве уште неколку чекаат за преглед. Посебно ме радува што пензионерите убаво ја прифатија оваа наша работа и во вторниците и петоците, кога се вршат прегледите, редовно има по десетина пензинери кои доаѓаат да се прегледаат но и да се консултираат за своето здравје. Тие се задоволни од третманот а јас од тоа што можам да им помогнам и што повторно ќе се видам со голем број мои пријатели“, вели д-р Спасеноски.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира