Човекот кој го изврши најсмртоносниот терористички напад во историјата на Нов Зеланд, убивајќи 51 лице во две џамии, планирал да нападне и трета џамија во Крајстчрч, беше кажано на почетокот на четиридневното сослушување. Брентон Тарант планирал да запали џамии и да убие што е можно повеќе луѓе.
Тој се изјасни како виновен за 51 убиство, 40 обиди за убиство и тероризам, за што се соочува со доживотна затворска казна без можност за помилување, што никогаш досега не се случило во Нов Зеланд. Пресудата ќе биде изречена подоцна оваа недела.
Облечен во сива затворска униформа, Тарант тивко и без емоции го слушаше излагањето на обвинителите за неговите злосторства, во присуство на роднини на жртвите и оние кои го преживеале нападот. Тој на 15 март минатата година го изврши нападот што засекогаш го промени Нов Зеланд и притоа во живо го пренесуваше на интернет.
Главниот обвинител Барнаби Хоус кажа дека Тарант почнал да го прави својот план една година порано, а целта било да има максимален број жртви. Тој бил уапсен додека се движел кон третата џамија што планирал да ја нападне.
„Ова ќе биде тешка недела за преживеаните и за семејствата на жртвите. Што и да кажам нема да може да го ублажи тоа“, изјави премиерката Џесинда Ардерн.