Членот од СДСМ во Државната изборна Комисија Јанаќе Витаноски и Вецко Здравевски, сопруг на скопска обвинителка, како поранешни лустратори се обвинети во предметот “Моќник” заедно со Антонијо Милошоски.
Сите се обвинети за злоупотреба на службената положба и овластувањата и ако Обвинителството ја докаже пред судот нивната вина, се соочуваат со затворски казни.
Здравевски и Витаноски се обвинети во делот на лустрацијата на сега покојниот кичевски судија Драги Билески, извршена по налог на Антонијо Милошоски. Во бомбите се слушна како нарачува кај тогашниот претседател на Комисијата за лустрација Томе Аџиев да го лустрираат судијата Билески. Билески по лустрацијата и разрешувањето почина.
Во дел од бомбите што ги пушти СДСМ, Гордана Јанкулоска и Сашо Мијалков договараат да се продолжи мандатот на неговата сопруга, зашто тој ги поддржувал во Комисијата за лустрација. Пред да стане лустратор, беше член на Советот за факти за разрешување на судии.
Покрај злоупотребите и измамите со кои успеале со татко му да ја купат општинската зграда во Пласница за 100 денари метар квадратен, паралелно, преку писмени барања Милошоски иницирал инспекциски и полициски контроли врз една фирма, а организирал друго лице да поднесе барање до Комисијата за лустрација со наводи кои треба да иницираат постапка за лустрација против судија. Притоа, како што се наведува натаму во обвинението, умислено го поттикнал четвртообвинетиот Томе Аџиев како Претседателот на Комисијата за утврдување на фактите, врз основа на тие наводи да отвори повторна постапка за лустрација над судијата.
Постапката за лустрација била отворена и Аџиев, заедно со деветмина исто така обвинети членови на Комисијата за лустрација, како службени лица, постапувајќи во рамките на своите службени овластувања, со умисла, иако знаеле дека не се исполнети критериумите за лустрација донеле одлука за лустрација на оштетениот кој бил времено оддалечен од вршење на функцијата судија во Основен суд Кичево. Потоа со одлука на истиот орган е утврден и престанок на вршење на судиската функција на оштетениот, со што потешко му ги повредиле неговите права.
С. К. ДЕЛЕВСКА