Водечкиот американски експерт за заразни болести Ентони Фаучи предупреди да не се избрзува со одобрувањето вакции против коронавирусот додека не се докаже дека се безбедни и ефективни. Тој смета дека тоа би можело да го наштети развојот на други вакцини.
Доналд Трамп наводно размислува да исфрли вакцина на пазарот пред таа да биде целосно тестирана, што се смета дека би можело да му ги зголеми шансите за повторен избор за претседател во ноември. Демократите го обвинија Трамп дека за политички цели е подготвен да ги загрози животите на Американците.
Во саботата, Трамп напиша на Твитер дека Агенцијата за храна и лекови на САД на фармацевтските компании им го отежнува тестирањето на вакцините. „Фајненшел тајмс“ објави дека администрацијата на Трамп размислува да издаде итно одобрување за користење на вакцината што моментално ја развиваат Универзитетот Оксфорд и британската компанија „АстроЗенека“. Околу 10.000 доброволци се пријавиле да ја примат вакцината, но американските агенции бараат во тестирањата да бидат вклучени 30.000 луѓе, пред вакцината да биде одобрена.
„Она што не сакаме да го видиме е една вакцина да добие одобрување за употреба пред да се докаже нејзината ефективност. Ако предвреме се одобри една вакцина, тоа ќе го отежни тестирањето на други вакцини“, кажа д-р Фаучи.
Вакцината на Оксфорд е една од десетици што моментално се развиваат низ светот.