Најбрзиот човек на светот Јусеин Болт се наоѓа во карантин откако имал позитивен тест за коронавирус само неколку дена по забавата за неговиот 34. роденден, на која присуствувале и англискиот фудбалски репрезентативец Рахим Стерлинг и неколкумина други спортски ѕвезди.
Веста дека Болт е позитивен ја потврди министерството за здравство на Јамајка, додека тој им препорача на сите кои биле во контакт со него во последно време да се стават во изолација.
„Немам никакви симптоми, но ќе бидам во карантин. Истото им го препорачувам на сите кои биле во контакт со мене“, изјави Болт.
Светскиот рекордер на 100 и 200 метри во петокот наполни 34 години, кога негови пријатели го изненадиле со забава. На снимките објавени на социјалните мрежи се гледа Болт како танцува со десетици луѓе, при што не се почитуваат мерки за заштита.