Доживотен затвор без можност за помилување доби Брентон Тарант, човекот кој го изврши најсмртоносниот терористички напад во историјата на Нов Зеланд, убивајќи 51 лице во две џамии во Крајстчрч минатата година. Судијата кажа дека акциите на 29-годишниот Тарант биле нехумани и дека тој не покажал каење и срам за нив. Ова е првпат во историјата на Нов Зеланд да е изречена ваква казна.
Тарант го изврши нападот на 15 март 2019 и го пренесуваше во живо на интернет. Тој не се обрати на четиридневното сослушување во судот во Крајстчрч, на кое што присуствуваа и дел од преживеаните и роднини на неговите жртви, откако претходно се изјасни за виновен за 51 убиство, 40 обиди за убиство и тероризам.
„Вашите злосторства се толки зли, што дури и доколку останете во затвор до вашата смрт, тоа нема да ги исцрпи условите за казната“, изјави судијата Камерон Мандер.
Нов Зеланд нема смртна казна во својот правосуден систем.
„Нема никакви причини веќе да зборуваме за него, да го видиме или чуеме повторно. Се надевам дека ова е последниот пат да го слушнеме името на овој терорист“, изјави премиерката Џесинда Ардерн.