1 Дали ве фаќа срам кога ги гледате нашите политички лидери седнати на иста маса под будно око на Американците и во присуство на сите странски амбасадори во земјата како потпишуваат дека нема да се тепаат на избори? Мене ми е срам. После 20 години демек развој на демократијата во Македонија, ние сме во фазата кога ни велат дека треба да организираме демократски избори. И фер. Оти во Македонија самиот чин на избори не мора да значи дека ќе бидат фер и демократски.
Што е тоа фер и демократски избори? Тоа ти е исто како да ти кажат дека сонцето сјае. Или водата е влажна.
2 Наместо по 20 години развој на демократија и капитализам тие странски амбасадори да седат на свечености на кои се промовираат странски инвестиции, тие им задаваат домашни задачи на политичките лидери и им ги оценуваат. Наместо по 20 години странците да даваат пари за развој на бизнисите, тие си ги арчат парите на обука на нашиве примитивци кои се тепаат на избори. Па уште и за вести ги сликаме. Прва вест се по телевизиите.
Се степале во Кочани, се степале во Велес, се степале во Струга… Во двемилионската Македонија тие успеаја меѓусебно и во сопствените штабови да се тепаат. А кампањата уште не е ни почната. И така вест по вест, тепачка по тепачка, дојде триесеттата минута од вестите на телевизија. И нема време за нормални вести. Или не дај боже, вести од светот. Оти надвор од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ нема живот.
Кај нас најголем проблем е што и по 20 години сме имале многу гласања, а не сме имале избор.
3 Впрочем, зошто да и се смееме на сопствената лудост, кога изборниот слоган на една партија е: “Слобода или смрт “. Аман бе. Пак ли? Слобода од што? И смрт заради што?
4 Најдобра слика за развојот на македонската демократија даде Амди Бајрам. За старото месо што го нашле во Шутка во штабот на коалициониот партнер на СДСМ Самка Ибраимовски рече дека тоа било негова школа. Кога Амди бил со СДСМ тој ги учел како се купуваат гласови, па сега Самка ја применува неговата школа. Амди тогаш делел шеќер, брашно и зејтин, а Самка сега ќе делел расипано месо. Па активистите на Амди отидоа да протестираат пред штабот на СДСМ оти Бранко сакал да ги труе.
Како што се темелни ВМРО-вците не би ме зачудило утре да испратат и градежни работници да штрајкуваат пред седиштето на СДСМ. Да го обвинат Бранко дека тајно шета по градилиштата на “Скопје 2014” и ги турка работниците од скелињата.
За волја на вистината, за Самка веднаш испратија инспекција. А за загинатите работници не испратија. Оти директорот зел одмор. Го фатија дека има партиска работа. Што е чесно. До сега СДСМ-овците обвинуваа дека државната администрација наместо на работа брка партиски активности. Овој барем си зел одмор.
5 Прво беше Велија Рамковски и неговата “Пајажина”. Тоа беше “Пајажина 1”.
Потоа се појави истражувањето на А1 за списоците на државни службеници кои мораат да обезбедат гласачи за ВМРО-ДПМНЕ. Раководителите по 30, а референтите по 15 луѓе. Таа мрежа може да се нарече “Пајажина 2”.
Потоа се појавија списоците на СДСМ со обврска за обезбедување на 20 гласачи, плус по петмина силни за обезбедување на избирачките места. 20+5 е еднакво на “Пајажина 3”.
Се бара пајакот што ги плетел овие пајажини. За да може како во прочуениот филм да касне некого од него да направи Спајдермен. Автохтон пајак одгледан во демократскиот амбиент на Македонија.
На тој начин ќе се реши и најголемиот предизвик за идната влада. Ќе се реши проблемот со Грција. Ќе се најде име. Ќе се викаме Спајдер Македонија.
На тој начин сите ќе можат да се пофалат дека придонеле за иднината на државата. Велија од затвор сосе неговите медиуми и неговата “Пајажина 1”. ВМРО-ДПМНЕ со гласовите на јавната администрација и нивната “Пајажина 2”. И СДСМ со активистите и тепачите со “Пајажина 3”. Постигнат е национален консензус.
6 Кога им ги слушав гласовите на луѓето како познизно одговараат на прашања на новинарките на А1 што на телефон се претставуваа како партиски активистки на ВМРО-ДПМНЕ, не знам зошто, ама ми текна како ни го објаснуваа поставувањето на стотина големи јарболи низ цела држава. Велеа дека со знамињата ќе придонесат за подигање на достоинството.
И јас мислам дека со знамињата се создава впечаток на подигање на националното достоинство. Ама достоинството е убиено во поим кога на самата помисла дека ви се јавиле од контакт центарот на партијата се штрекнувате дека тоа може да ви го упропасти обидот за “ин витро” оплодување.
Достоинството е урнато во моментот кога “контакт центарот” ќе те потсети дека треба да работиш како роб за партијата. Без оглед што работиш во државна служба.
Е па сега верувајте на анкетите за рејтинзи. По обелоденувањето на списоците на државните службеници и игранката со јавувањата по телефон од “контакт центарот на партијата”, не знам кој ќе се осмели да даде искрен одговор.
7 Зошто има слаб одѕив за гласање кај иселениците? Затоа што не предвиделе гласачко место во Пакистан. Хунзите ќе останат без пратеник во идното Собрание.