Црногорската опозиција прогласи пад на режимот додека прелиминарните резултати од денешните парламентарни избори ѝ даваат само еден пратенички мандат повеќе на коалицијата предводена од актуелниот премиер Мило Ѓукановиќ.
Според речиси 90% од преброените гласови, коалицијата Одлучно за Црна Гора на чело со Демократската партија на социјалистите освоила 35% од гласовите (29 мандати), а опозициската коалиција За иднината на Црна Гора 32,82% (28 мандати).
„Вечерва во Црна Гора се случуваат важни работи. Берлински ѕид падна и во Црна Гора. Од вечерва, ДПС веќе не е на власт во Црна Гора“, изјави Славен Радуновиќ од партијата Демократски фронт.
Лидерот на За иднината на Црна Гора, Здравко Кривокапиќ, кажа дека победата на опозицијата е извесна. Според него, досегашната опозиција ќе има 42 од можни 81 пратеник во новиот состав на парламентот.
„И покрај сите заплашувања и тензичната реторика, излезноста беше околу 77%. Тоа значи дека режимот паднал“, рече Кривокапиќ.