ШКОЛСКАТА ГОДИНА ЌЕ ЗАВРШИ НА 10 ЈУНИ, СИТЕ УЧЕНИЦИ ЌЕ СЕ ОЦЕНУВААТ СО ФИЗИЧКО ПРИСУСТВО, КАЖА ЦАРОВСКА

    ШКОЛСКАТА ГОДИНА ЌЕ ЗАВРШИ НА 10 ЈУНИ, СИТЕ УЧЕНИЦИ ЌЕ СЕ ОЦЕНУВААТ СО ФИЗИЧКО ПРИСУСТВО, КАЖА ЦАРОВСКАВладата минатата недела го одложи почетокот на учебната 2020/2021 година и наместо на 1 септември, ќе почне на 1 октомври; - Ученици пополнуваат формулари за упис во средно училиште. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Школската година ќе заврши на 10 јуни, а сите ученици, и оние кои ќе следат настава со физичко присуство и онлајн, ќе бидат оценувани со физичко присуство, кажа денеска министерката за образование и наука Мила Царовска.

    Владата минатата недела го одложи почетокот на учебната 2020/2021 година и наместо на 1 септември, ќе почне на 1 октомври, под посебни протоколи и планови за одвивање на наставната програмата.

    „Учебната година почнува вообичаено на 1 септември, но по исклучок може, како што е сега, наставната програма да почне на 1 октомври. Се работи на скратени програми. Законот гарантира дека скратената програма нема да биде под 100 часа. Овој пат Бирото за развој на образованието ги крати програмите за само бројот на денови што би требало да го надминат 10 јуни, за да можеме да ја завршиме школската година на 10 јуни, а притоа септември ни е празен. Ќе имаме 159 денови кои ќе треба да се адаптираат во програмата, наместо 180. Бирото ги работи и денес треба да бидат доставени до мене. Секако се поедноставува програмата затоа што часот е 30 минути и сите овие програми со упатство за употреба ќе треба да бидат доставени до училиштата во петок“, рече Царовска по средбата со директори на основни и средни училишта во земјава.

    Училиштата се затворени од 10 март, а учениците ја завршија школската година преку онлајн настава, која беше доста критикувана и од учениците, родителите и наставниците.

    Министерката рече дека се подготвува и посебно упатство за оценување, затоа што, како што рече, „исклучително важно ни е дека онлајн наставата треба да го даде максималниот квалитет кој може да се даде со онлајн настава.  Тоа досега не беше уредено, сега велиме дека оценувањето ќе се спроведува со физичко присуство и тоа ќе се организира во групи, секако доколку епидемиолошката состојба на општините тоа го дозволува, и тоа ќе го организираат училиштата со насока и упатство на Бирото“.

    Царовска вчера кажа дека ако има услови според протоколот што го постави Комисијата за заштита од заразни болести, училиштето да може да формира класови до 20 ученици, ќе може во такви услови да се дозволи да се одржува во тоа училиште настава со физичко присуство. Ова се однесува на средните и на основните училишта од четврто до деветто одделение. По денешниот состанок, некои од директорите, како на пример на училиштата „Лазо Трповски“ во Карпош 3 и „Аврам Писевски“ во Бардовци, кажаа дека имаат услови и ќе организираат настава со физичко присуство во сите одделенија, за оние родители кои ќе се одлучат за тој модел.

    Основното училиште „Лазо Ангеловски“ на пример, со 1.500 ученици, ќе има физичка настава од прво до трето во шест одделенија. Поради големиот број на деца во една паралелка, околу 30, ќе бидат поделени во две групи од по 15 ученици.

    Б. НЕСТОРОСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира