ПРОНАЈДЕНО ОРУЖЈЕ ОД ВОЈНАТА ВО 2001 ВО СТРУШКО, НЕЕКСПЛОДИРАНА АВИОНСКА БОМБА ВО БИТОЛСКО И ГРАНАТИ БЛИСКУ ДО ПЛАЖА ВО ДОЈРАН

    ПРОНАЈДЕНО ОРУЖЈЕ ОД ВОЈНАТА ВО 2001 ВО СТРУШКО, НЕЕКСПЛОДИРАНА АВИОНСКА БОМБА ВО БИТОЛСКО И ГРАНАТИ БЛИСКУ ДО ПЛАЖА ВО ДОЈРАНСите средства безбедно се отстранети и чекаат да бидат уништени - оружјето пронајдено во селото Франгово, Струшко (Фото: СДК.МК)

    Последните денови на повеќе локации во Македонија се откриени неексплодирани средства (бомби, гранати…), велат од Дирекцијата за заштита и спасување. Од таму велат дека тие безбедно се отстранети и се очекува нивно уништување.

    Во нива во атарот на село Франгово, Струга пронајдени се 30 РПГ фрлачи, 137 ракети РПГ, 130 полнења за РПГ, 760 куршуми од 20 милиметри и 39 сандаци муниција од 7,62 и 12,7 милиметри.

    Авионска бомба од Првата светска војна тешка 20 килограми е пронајдена во битолското село Арматуш (Фото: СДК.МК)

    „Средствата се од воениот конфликт во 2001. Истите беа транспортирани на безбедна локација. Во атарот на Арачиново пронајдени се 11 рачни бомби, кои се преземени од пиротехничар од Скопје. Во паркот до општинската зграда во Дојран се пронајдени две артилериски зрна од 75 милиметри. Тие претставуваа огромна опасност за луѓето кои беа на блиската плажа и Д-фестивалот, но безбедно се отстранети. Авионска бомба од Првата светска војна тешка 20 килограми е пронајдена во село Арматуш, Битолско, во нива до куќа. Истата според процедурите треба да се уништи на самото место, но поради близина на куќи, пиротехничар од Битола ја транспортираше под максимален ризик по животот“, кажа Ефтим Митров, пиротехничар при Дирекцијата за заштита и спасување.

    Ископаните гранати и бомби и по толку многу децении и натаму претставуваат опасност по живот (Фото: СДК.МК)

    Но, списокот на пронајдени неексплодирани средства не завршува тука. Во село Робово, Струмица, во штала се пронајдени две рачни бомби од Втората светска војна. При изградбата на патот Штип-Радовиш, пред клучката Радовиш-Конче при ископ е пронајдено артилериско зрно од 105 мм, остаток од Втората светска војна. Во Арачиново е пронајдена минофрлачка ракета од 82 мм. При ископ на јама во село Дабиле, Струмичко, во дворот било откриено артилериско зрно од 105 мм.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира