Група мигранти која беше спасена од дански танкер во Средоземното Море доби дозвола да се истовари во Италија откако поминала на морето повеќе од 40 дена.
Групата од 27 луѓе, вклучувајќи трудница, тргнала од Либија на 2 август. Данскиот танкер „Мерск Етјен“ ја прибрал набргу откако нивното пловило почнало да тоне, но на бродот повеќе од еден месец не му било дозволено да пристане во ниедна држава. Мигрантите вчера конечно стапнаа на копно на Сицилија, по што со помош на хуманитарна организација беа префрлени во Поцало.
„Со ова е ставен крај на најдолгото и најсрамното одбивање во европската поморска историја“, кажаа од невладината организација „Медитеранеа“.
Според „Мерск Етјен“, тие ги прибрале мигрантите откако тоа од нив го побарале властите на Малта, што тие го негираат, тврдејќи дека спасувањето се случило надвор од нивните територијални води. Италија и Либија исто така одбиваа да ја примат групата, што по некое време доведе до недостиг на залихи на бродот.