Град Скопје десетина дена работи на чистење и уредување двете страни на кејот на реката Вардар, со цел овој дел од градот да добие еден нов лик. Со градежна механизација и екипи од сите јавни претпријатија покрај кејот се чисти и коритото на Вардар на потегот од мостот кај луна паркот до зградата на Македонската телевизија. Најпрво се работи на левата страна на реката, а потоа механизација и екипите ќе се префрлат и од десната која е многу повеќе користена од граѓаните.
Се чисти каменот и коритото на реката, пешачката патека на кејот, се корнат гранки, треви и грмушки со кои е обраснат овој дел од градот, се кастрат дрвјата, се уредува зеленилото, се чисти ѓубрето.
Од Град Скопје велат дека после 30 години се чисти кејот на Вардар и дека во овој проект е предвидено просторот да се уреди, да се постават нови клупи, корпи за отпадоци, ново осветлување, а левата страна да биде користена исто колку и десната.
„Никој не го пипнал кејот толку години. Коцката која е долж кејот не се гледаше од ѓубре и земја, скалите ги немаше бидејќи беа обраснати со треви. Формиравме посебна бригада за кејот која е задолжена комплетно да го среди просторот. Откако ќе завршиме со чистење, хортикултурно ќе го уреди и ќе поставиме нови содржини особено од левата страна на кејот за да и овој дел биде привлечен за граѓаните“, велат од Град Скопје.
Од Градот објаснуваат дека досега одржувањето на кејот на било предвидено во ниту една програма и немало посебна буџетска ставка за него, како што е на на пример одржување на плоштади, главни улици или паркови.
Откако ќе заврши уредување на кејот во централното градско подрачје ќе се продолжи кон населбите Влае и Ново Лисиче.
„Целта е кејот да добие еден нов лик. Редовно да се одржува, да се чисти и мие како останатите делови од градот. Коритото на Вардар сега откако едната страна е исчистена изгледа сосема поинаку и многу пошироко. За неколку месеци граѓаните ќе забележат разлика на целиот потег“, додаваат од Градот.
А. АНТЕВСКА