ДЕДИН ВНУК

(Кон „Стела“ на Стојан Вујичиќ, играат Петар Маниќ, Дејан Лилиќ, Тони Михајловски, Симеон Мони Дамески, Христина Поповиќ)

    ДЕДИН ВНУКПетар Маниќ и кучето Стела во сцена од „Стела“. (Фото: Дрим фектори)

    Кај да бегаш кога децата во школо те малтретираат оти си различен од нив, а дома мајка ти и татко ти само се караат и не те дослушуваат? Во авантура – на далечен пат до едно рајско место. Авантурата ќе те охрабри и ќе те научи да се слушаш себеси, а ќе ти го прошири и семејството – со еден дедо и едно куче.

    Ова e приказната на „Стела“, деби на режисерот Стојан Вујичиќ по сценарио на Ева Камчевска, првиот македонски долгометражен игран филм за деца, чија премиера, како прва во време на коронакризата,  синоќа го отвори фестивалот Синедејс во Скопје.

    „Стела“ е за малиот Никола (Петар Маниќ), син на Германката Ана (Христина Поповиќ) и Македонецот Александар (Дејан Лилиќ) со потекло од Галичник, кој живее во Германија и не е среќен дома оти мајка му стално му кажува што да прави без да го есапи, а татко му е мек ама и кавгаџија па само се кара со жена му. Никола не е среќен ни во школо оти го малтретираат и момчиња и девојчиња, а нема кому да се пожали. Тој за Македонија знае само од прикаските на татко му за Галичник како рајска градина, и затоа во најголемата мака ќе реши да избега таму. Во Галичник ќе си најде еден намќор самотник дедо Христо (Тони Михајловски) со мило овчарско куче Стела и единствен другар ветеринарот Тошо (Мони Дамески). Откривањето на тој нов непознат свет на Никола ќе му го донесе спокојот кој го бара во семејството.

    Иако насловот на филмот наведува дека кучето има пресвртна улога во живот на детето, сепак највредната нишка на приказната е развивањето на љубовта што ќе го стопи намќорот на дедо Христо и ќе ги излекува стравовите на Никола. Оваа нишка е извлечена во прв план пред сè  поради играта на вештите актери Михајловски и Дамески кои умешно градат впечатливи улоги и практично го освојуваат филмот, со голема помош на дебитантот Маниќ. Нежното пријателство на Христо и Тошо, и на Христо и кучето Стела, пак, е само поттекст за пресвртот во животите на дедото и внукот.

    Впечаток е дека сценариото не е баш стегнато и дека режисерот Вујичиќ го склопил филмот интуитивно, според перформансот што го добил од актерите.

    Она што е најголема мана на филмот е што инсистира на културно обусловени стереотипи – мајката Германка е лута кучка што е опседната со кариера во држава со ‘студен’ народ, а таткото Македонец е ‘топол’ мачо дивјак кој знае и да удри жена ако се изнервира. Во Германија сите се студени и лоши, а во рајска Македонија сите се топли и добри. Тие насоки на сценариото посебно ги истакнува непотребно пренагласената игра на Христина Поповиќ, која до карикирање глуми лута Германка. Како нејзин партнер, Дејан Лилиќ останува растргнат меѓу потребата да ѝ ја смири карикатуралноста и да му даде емотивна длабочина на ликот што тој го игра.

    Се чини дека филмот ќе имал поголема емотивна сила ако режисерот сосем ги скастрел брачните заврзлами базирани на културни разлики, и отворел повеќе простор за развој на меѓучовечките односи меѓу татковците и синовите.

    Марина КОСТОВА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира