Рут Бејдер Гинсбург, легендарната судијка во американскиот Врховен суд и голем борец за правата на жените почина на 87 години, што му пружа можност на претседателот на САД Доналд Трамп да именува трет судија во оваа институција пред претседателските избори. Гинсбург беше икона на левичарска Америка, водеше кампања за правата на жените цел живот.
Претседателската кампања веќе предизвика најжестоки поделби во земјата, а вчерашната вест за смртта на Гинсбург додаде нова тежина на изборите и е уште една причина за голема битка меѓу демократите и републиканците околу изборот за нов судија кој ќе одлучува за пристапот кон абортусот и еколошките прописи.
Трамп денеска твитна дека републиканците имаат обврска да дејствуваат „без одложување“ за да се најде замена за Гинсбург во Судот.
Смртта на Гинсбург би можела да ја промени идеолошката рамнотежа на судот во кој во моментов седат пет конзервативни и четири либерални судии. Со месеци главен фокус во кампањата беше постапувањето на претседателот Трамп со коронавирусот, најголемата здравствена криза која сериозно ги загрози неговите изгледи за реизбор.
Демократите и републиканците на големо се обединија доцна синоќа фалејќи ја Гинсбург како водечки правен мислител и поборник за правата на жените. Соочени со изгледите да ги загубат и Белата куќа и Сенатот, некои републиканци празното место во Врховниот суд го сметаа за еден од ретките начини Трамп да привлече симпатизери надвор од своето лојално јадро симпатизери, особено жени.
Трамп по повод смртта на Гинсберг, рече оти Америка загубила „титан на правни науки и личност со брилијатен ум“. „Нејзините мислења и одлуки кои се однесуваа на правата на жените се инспирација за сите Американци и за генерации правници“, рече тој.
Лидерот на мнозинството во Сенатот, Мич Меконели, изјави дека Сенатот ќе гласа за кандидатот на Трамп да ја замени Гинсбург, иако е ова изборна година. Додека пак, Џо Бајден изјави дека новиот судија во Врховниот суд би требало да го избере победникот на ноемвриските избори.
Кандидатите за Врховен суд ги именува претседателот на САД, а потоа мораат да бидат потврдени во Сенатот во кој во моментов мнозинство се републиканците на Трамп.