Германија донираше осум респиратори во вредност од 233 илјади евра за здравствените установи во земјава. Станува збор за осум респираторни апарати, тип Дрегер Евита В 600, кои имаат модул и за инвазивна и за неинвазивна нега. Тие се дистрибуирани во одделите за интензивна нега таму кадешто се лекуваат пациентите заболени од ковид-19, соопшти Министерството за здравство.
Ова е втор пакет помош од почеткот на коронакризата. Германија веќе донираше 152.000 евра на четири јавни здравствени установи во земјава како поддршка во справувањето со пандемијата на коронавирусот. Помош добија Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, Клиниката ТОАРИЛУЦ, Клиниката за неврохирургија и Детската клиника.
На промоцијата на донацијата, амбасадорката изјави дека се радува што медицинските апарати доаѓаат во вистинско време.
„Оваа донација е по иницијатива на сојузната Влада за време на германското претседателство во Советот на Европската Унија, за помош на државите од Западен Балкан при пандемијата од ковид-19. Со оглед на актуелните состојби, главен акцент на нашето претседателство е справување со пандемијата и нејзините последици. Овде, во регионот на Западен Балкан сакаме да покажеме дека нашите партнери при борбата можат да се потпрат на нас“, рече Холштајн.
Германската амбасадорка Анке Холштатј во неодамнешно интервју за САКАМДАКАЖАМ.МК рече дека досега Германија го поддржа регионот со 5 милиони евра.
„Дополнителни 10 милиони евра се во фаза на планирање. Не треба да се заборави дека ЕУ стави на располагање 3,3 милијарди евра помош, а од таа сума околу една третина се средства од германските даночни обврзници“, рече амбасадорката во интервјуто.