МВР ГО ИСПИТУВА СЛУЧАЈОТ ЗА ПОЛИЦИСКО ПРЕТЕПУВАЊЕ НА БИТОЛЧАНЕЦ

    МВР ГО ИСПИТУВА СЛУЧАЈОТ ЗА ПОЛИЦИСКО ПРЕТЕПУВАЊЕ НА БИТОЛЧАНЕЦНастанот се случил уште минатата сабота навечер, прв пат видеото било објавено во неделата, но дури денеска масовно се споделуваше на социјалните мрежи. (Исечок од снимката)

    Одделот за внатрешна контрола при МВР го испитува случајот во врска со видео материјалот што денeска беше објавен на социјалните мрежи на кој наводно полицајци тепаат лице за кое се тврди дека е од ромска националност. Настанот се случил уште минатата сабота навечер, а прв пат видеото било објавено во неделата, но дури денеска масовно се споделуваше на социјалните мрежи.

    „Ве известуваме дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи веќе го утврди идентитетот на учесниците во настанот и презема мерки и активности за целосно расчистување на случајот по што јавноста ќе биде соодветно информирана“, соопштија од МВР по повод обвинувањата за незаконито и непрофесионално постапување на полициски службеници.

    Видео материјалот на кој се гледа како полициски службеник претепува лице на сред улица е снимен во Битола, на улицата „Рузвелтова“ близу Поштата. Иако од МВР во соопштението не потенцираат каде се случил настанот, битолчани го препознаа местото. На видео материјалот кој  се врти на социјалните мрежи се гледа како полицаец соборува на земја друго лице, а потоа го тепа со раце и со клоци. Околу него има уште две други лица, кои најверојатно биле заедно со лицето што беше истепано, како и двајца други полицајци. На видеото пишува „Полициска бруталност врз Ромите“.

    Локалните медиуми во неделата објавија информации и фотографии дека претходната вечер возило удрило во електричниот столб на тротоарот во близина на зградата „Гроздот“ веднаш до трафиките кај Поштата.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира