МОМЧЕ МЛАДО

(Кон „Хомо“ на Игор Иванов-Изи, играат Наташа Петровиќ, Сашко Коцев, Јордан Симонов, Сергеј Димовски, Мајлинда Косумовиќ, Јоана Буковски, Игор Ангелов, Александар Матовски-Цако)

    МОМЧЕ МЛАДОНаташа Петровиќ и Александар Матовски-Цако во сцена од „Хомо“. (Фото: Скопје филм студио)

    Во „Хомо“, својот трет филм, Игор Иванов-Изи успева да се охрабри и без за него типичната задршка да се соочи со Човекот заглавен во посткомунистичката транзиција. Оти во овој филм, за разлика од претходните два, ликовите се многу поживи луѓе, со маки и мани и опсесии и таги, па и радости. Веројатно за ова ослободување и емпатија голема улога има и косценаристот Сашо Кокаланов, чиј придонес е видлив во хуморниот допир во прикаските, течниот дијалог и едноставната но цврста структура на приказната.

    Ова е најдобар филм на Изи, како да ја поттргнал затката што ги задушуваше неговите два претходни, „Превртено“ (2007) и „Соба со пијано“ (2013). Иако сетингот е истиот, македонската посткомунистичка транзиција, претходните негови филмови беа натопени со своевидно ескапистичко, патронизирачко, а претенциозно избегнување да се соочи со вистинските грижи на човекот во овие тешки општествени услови. Во „Хомо“, за првпат во долга филмска форма од овој режисер, малку се наѕира ентузијазмот на креативната супкултурна сцена од неговите рани ТВ дела во 1990-те, како емисијата „Сабвеј“ што одеше на А1 ТВ, и од почетоците на музичкото радио Канал 103 во чија прва постава беше и Изи.

    „Хомо“ (на латински – човек) се шест приказни кои се прелеваат една во друга, а темата на секоја е според преокупацијата на главниот лик. Поттекстот на сите приказни е ист, општеството на немоќни луѓе заглавени во перманентни антивладини протести против сите власти и исти социјални неправди. „Човек кој работи“ е за невработен дипломец по филозофија кој бара работа ама нејќе да ја најде, „Човек кој обожува“ е за богата вдовица заведена од корумпиран поп, „Човек кој игра“ е за млада зависничка од комар, „Човек кој се смее“ е за стендап комичар кој ќе заглави оти исмева моќник, „Човек кој заработува“ е за улична проститутка која бара спас од извршители, „Човек кој љуби“ е за момче со Даунов синдром чија мајка се обидела да се самоубие.

    Филмот почнува како комедија и лесно тера сè до преминот во социјална драма, каде што ќе заглави, ама за среќа ќе успее да се извлече пред да потоне, и да остане гледлив. Најкритичен и најслаб дел од филмот се токму третиот и четвртиот дел, тој премин од комедија во социјална драма, со маниристички пренагласени, бизарни, просто клише приказни за младата коцкарка и за стендап комичарот. Истите мани – претенциозност и лажна субверзивност – од кои страдаа претходните два филма на Изи.

    Во „Хомо“ игра голема актерска екипа од Македонија, Косово, Бугарија и Словенија и во голем дел сите успеваат да си создадат убави минијатури. Највпечатлива е Наташа Петровиќ која проститутката Кети ја игра со грозничавост на давеник кој се бори за живот. Добар е и Сашко Коцев, кој овде успева да се извлече од омилениот му манир на Златна-Бубамамара-комичар, и улогата на воениот ветеран и шофер во градски автобус Петар, кој едвај се држи при ум и во едно парче, да ја одигра со ургентност на темпирана бомба.

    Убав омаж на Скопје е и песната што оди во фон „Еј ти момче младо“, на Љупчо Константинов што култната екс-ју група „Индекси“ ја испеја на Скопскиот фестивал 1971, со извесна вонвремена психоделичност која верно отсликува карактерна црта на градот. Таа скопска психоделија ја фатила и српската кинематограферка Маја Радошевиќ чија камера како да е во двобој со густо набиениот градски простор.

    Во 2013, во рецензијата за „Соба со пијано“ пишував за зачетокот на една заблуда во себеперцепцијата на македонскиот филм (па и култура), која во меѓувреме фати корени и се прошири, па мислам дека сега е добра пригода да се повторам:

    „Со години, особено во медиумските настапи и презентации, македонските филмови локално се ценат на рурален и урбан, ѓоа тоа се жанрови. При што, во локалната себеперцепција, која веќе стана клише, рурален е нешто што нам не ни е блиско, демек во него се инсистира на егзотика и не нè претставува во вистинско светло нас како култура и искуство, а урбан е вредноста кон која треба да стремиме во себепрезентацијата. Па сè рурално е лошо, а сè урбано е добро. Оваа дилема е крајно лажна и лицемерна. Ниедно уметничко дело не се дели на урбано и рурално, како што не се дели ни на локално и глобално. Бергман е шведски автор, како што и Тарантино е американски, но шведското и американското не ги прави помалку светски автори. Всушност, излитената фраза ‘Мисли глобално, дејствувај локално’ најмногу важи за едно дело. Локалното искуство во доживувањето на радоста, тагата, на болката и страдањето, само може да го збогати универзалното човечко искуство и е она што му дава боја на едно дело, па макар било и филмско. Важно е ние да сфатиме и прифатиме дека нашата различност како култура или како начин на живот не е наша мана туку, во најмала мерка – предност. Со други зборови, самите да се сфатиме како вредни и рамноправни со светот, а не од друг, особено не од странец да ни треба потврда за тоа“.

    Марина КОСТОВА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира