Азербејџан и Ерменија ги одбија повиците за прекин на огнот по најтешките борби во спорниот регион Нагорно-Карабах во последните четири години.
САД, Русија и Франција заеднички повикаа на итно смирување на ситуацијата, додека Турција, која е сојузник на Азербејџан, кажа дека прекин на огнот е можен само доколку ерменските сили целосно се повлечат и ја прекинат окупацијата.
„Имајќи предвид дека САД, Русија и Франција 30 години го занемаруваа овој проблем, неприфатливо е тие сега да бараат прекин на огнот“, изјави турскиот претседател Ердоган.
Новинар и фоторепортер на францускиот весник „Ле Монд“ се тешко повредени во бомбардирањата на градот Мартуни од страна на азербејџанските сили и во најбрз можен рок ќе бидат превезени во Франција. Ерменските власти кажаа дека нивната состојба е сериозна.
Францускиот претседател Емануел Макрон кажа дека турски безбедносни компании префрлуваат сириски платеници во Азербејџан. Турција ги отфрли овие тврдења како неосновани, но според Сириската опсерваторија за човекови права, околу 900 сириски платеници пристигнале во Азербејџан.
Жестоки гранатирања во Нагорно-Карабах продолжија и денеска, петтиот ден од обновувањето на еден од најстарите воени конфликти на светот. Сепаратистичките власти велат дека ситуацијата е тензична и ерменските државни медиуми објавија дека досега загинале седум цивили и 80 војници.