Доналд Трамп двапати примил кислородна поддршка во изминатите денови, но неговата состојба продолжува да се подобрува, изјави неговиот лекар Шон Конли, додавајќи дека можно е тој утре да биде отпуштен од болница.
Американскиот претседател веќе три дена се лекува во воената болница „Волтер Рид“ откако имаше позитивен тест на коронавирус и моментално прима терапија со дексаметазон. Станува збор за стероид наменет за намалување на воспаленија кој беше опишан како голем пробив во лекувањето на ковид-19. Тој е погоден само за лицата кои се хоспитализирани и примаат кислородна поддршка или се приклучени на респиратор.
„Претседателот Трамп прима дексаметазон откако имаше неколку епизоди со пад на сатурацијата на кислородот во крвта. Тој заздравува многу добро и најрано утре би можел да се врати во Белата куќа“, изјави Конли.
Шефот на кабинетот на Трамп, Марк Медоус, вчера ја вознемири јавноста кога изјави дека тој сѐ уште не е на патот на целосно заздравување, но лекарите денеска звучеа многу пооптимистички.