ШВЕДСКАТА ФОНДАЦИЈА „УЛОФ ПАЛМЕ“ ЌЕ ПОМОГНЕ ДА СЕ ПОСТАВИ СПОМЕН ОБЕЛЕЖЈЕТО „МАГИЧЕН КОНЕЦ“ ВО ШТИП, ПОСВЕТЕНО НА ТЕКСТИЛНИТЕ РАБОТНИЦИ

    ШВЕДСКАТА ФОНДАЦИЈА „УЛОФ ПАЛМЕ“ ЌЕ ПОМОГНЕ ДА СЕ ПОСТАВИ СПОМЕН ОБЕЛЕЖЈЕТО „МАГИЧЕН КОНЕЦ“ ВО ШТИП, ПОСВЕТЕНО НА ТЕКСТИЛНИТЕ РАБОТНИЦИСпомен обележјето ќе се отвори на 16 октомври, кога ќе се одржи манифестацијата „Текстилијада“ (Фото: СДК.МК)

    На барање на Здружението на тестилните, кожарските и чевларските работници „Гласен текстилец“, Комисијата за култура при Советот на Општина Штип одлучи да го помогне подигнувањето на спомен обележјето „Магичен конец“, посветено на текстилните работници и нивните права.

    По спомен обележјето „Игла“, кое се подигна пред две години во населбата 8 Ноември, каде што живеат голем број текстилни работници, „Магичен конец“ ќе се постави во спомен паркот Бриони (Кртеќе), каде што се наоѓаат и спомен обележјата на македонските бранители од 2001 и на други истакнати личности.

    „Автор на спомен обележјето е вајарот Андреј Митевски од Скопје, а ќе чини 3.500 евра, средства што се обезбедени од шведската фондација која го носи името на поранешниот шведски премиер Улоф Палме. Со ова обележје сакаме да придонесеме властите и газдите уште повеќе да се заложат за редовни и добри плати и за остварување на сите права на текстилните работници“, велат претставници на „Гласен текстилец“.

    Текстилната индустрија е економското обележје на Штип и е индустриска гранка која најмногу го полни општинскиот буџет. Спомен обележјето ќе се отвори на 16 октомври, кога во Штип ќе се одржи традиционалната манифестација „Текстилијада“.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира