„Павлос, успеа!“, извика мајката на убиениот рапер Павлос Фисас пред апелацискиот суд во Атина откако по петгодишниот судски процес грчката пронацистичка партија Златна зора беше прогласена за криминална организација.
Токму убиството на 34-годишниот антифашистички музичар, кој беше избоден со нож после полноќ на 18 септември 2013, беше поводот да се покрене криминална истрага против Златна зора, која само една година порано освои 18 пратенички места на парламентарните избори, во периодот кога земјата ја тресеше тешката финансиска криза. Приврзаникот на партијата Јоргос Рупакијас, кој претходно го призна убиството, денеска беше прогласен за виновен и се соочува со доживотен затвор.
Обвинението опфати 68 членови на Златна зора, при што нејзиниот основач и лидер Никос Михалолијакос и шестмина негови соработници беа прогласени за виновни за водење на криминална организација. Тие би можеле да добијат меѓу пет и 15 години затвор.
„Ова е историски ден за Грција. Демократијата победи денеска! Оваа пресуда означува крај на трауматичен период од јавниот живот во Грција“, изјави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, кој ѝ оддаде признание на Магда Фисас за нејзината посветена борба за правда.
Во изминатите повеќе од пет години, Магда Фисас присуствуваше на најголемиот дел од 453-те сослушувања и денеска триумфално ги крена рацете во воздух на излегувањето од судот.