Државниот пазарен инспекторат за време на продолжениот празничен викенд бил на свадба во Охрид. Сопственикот заработил кривична пријава а младоженците сепак имале среќа бидејќи инспекторите дошле откако завршила веселбата.
„Свадбите се прават во дискреција, но инспекторите навреме добија информација. Кога пристигнале во објектот веселбата била завршена. Сепак успеале да соберат доказен материјал и врз основа на тоа беше составен записник“, вели Цветко Ристески, раководител на одделението за инспекциски надзор Охрид.
И покрај забраната донесена со Уредба на Владата поради коронавирусот, во Охрид од почетокот на пандемијата биле организирани 15 свадбени веселби, а само во летниот период инспекторите влегле во 7 објекти во кои се правеле свадби.
Охриѓани велат дека многупати се сведоци на веселби со музика најчесто во ресторани и дворови.
„Живеам во близина на ресторан каде повеќе пати за време на викендите ечи музика, се прават свадби, крштевки, веселби…. полиција до сега не е дојдена“, вели една охриѓанка.
Гостите во рестораните седеле на маси раздалечени една од друга, не играле ама и не ставале фотографии по социјалните мрежи бидејќи инспекторите така најлесно ги лоцирале семејните веселби.
Кривични пријави за организирање на свадби биле поднесени и за неколку локали од струшко. Само во текот на летото биле санкционирани седум угостителски објекти каде инспекторите неретко биле бркани и навредувани.
За време на празничниот викенд инспекторите од Државниот пазарен инспекторат од Охрид помогнати од нивните колеги од Гостивар извршиле 62 инспекциски надзори и 137 визуелни контроли во угостителските објекти. Поднесена била една кривична пријава за непочитување на протоколите за заштита од ковид- 19 во угостителски објект, издадени три прекршочни платни налози за вршење на нерегистрирана дејност за што угостителите заработиле казна од 250 евра а изречени биле и две казни за непочитување на уредбата за носење на заштитна опрема.
Од Државниот пазарен инспекторат со оценка дека во Охрид мерките и протоколите за заштита од ковид -19 генерално се почитуваат.
С. ВРЕНЦОВСКА