НЕВЕСТАТА ДА НЕ НОСИ ВЕНЧАНИЦА, СВАДБИ СЕ ПРАВАТ И ПОКРАЈ ЗАБРАНАТА, СО ФИСКАЛНИ СМЕТКИ ЗА СЕКОЈА МАСА

    НЕВЕСТАТА ДА НЕ НОСИ ВЕНЧАНИЦА, СВАДБИ СЕ ПРАВАТ И ПОКРАЈ ЗАБРАНАТА, СО ФИСКАЛНИ СМЕТКИ ЗА СЕКОЈА МАСАЗа да прикријат дека се прави свадба, од рестораните на невестите им велат да не носат венчаници туку бел фустан, а на гостите да не се чекираат на социјалните мрежи во кој ресторан се наоѓаат; - Архивска фотографија од свадба одржана во Скопје минатата година.

    Свадби, крштевки и други веселби со жива музика секој викенд се организираат и покрај забраната донесена со Уредба на Владата поради коронавирусот.  По препорака на Комисијата за заразни болести, на владината седница одржана на 26 август не се прифатија барањата за измени на протоколот за работата на угостителските објекти, односно остана забраната за организирање свечености со музика.

    Но, ваквата одлука не се почитува и секој викенд се прекршува. Свадби и други веселби се прават во кафеани, во ресторани за свадби, во викендички, во семејни куќи и дворови.

    Од Државниот пазарен инспекторат за САКАМДАКАЖАМ.МК кажуваат дека младенците и угостителите на секој можен начин се обидуваат да ја изиграат Уредбата и да прикријат дека организираат свадба. За да не добијат казна од инспекторите, велат дека не се одржува никаква прослава, туку кафеаната е полна со гости кои се веселат бидејќи долго време биле во карантин поради ковид-19. На масите седат по 5-6 гости, нема невестинска маса, а се издаваат посебни фискални сметки за сите маси. Од рестораните на невестите им велат да не носат венчаници туку бел фустан, а на гостите да не се чекираат на социјалните мрежи во кој ресторан се наоѓаат.

    „Во оние ресторани каде што и покрај забраната се прават свадби и веселби колку-толку се почитуваат протоколи. Таму можеме да влеземе, да ги казниме угостителите, па затоа тие и внимаваат да нема ора и играње на маса. Но, проблем имаме со веселбите кои се прават во викендички надвор од градот. Се прават веселби со над 150 луѓе, ечи музика цела ноќ, а ние немаме право да влеземе на приватен имот, туку само полицијата“, вели Стојко Пауновски, директор на Државниот пазарен инспекторат.

    Тој вели дека во ваква ситуација подобро е Владата да дозволи да се организираат веселби, но под одредени строги протоколи.

    „На тој начин нема да се прават свадби и журки по дворови кои никој не ги контролира, а угостителите ќе внимаваат оти ако сакаат да работат и да не бидат затворени, ќе мора да ги почитуваат протоколите“, додава Пауновски.

    Во моментов, Пазарниот инспекторат врши контроли низ цела држава со 120 инспектори, иако на платен список се 155 лица. Дел од вработените не доаѓаат на работа бидејќи ги користат мерките на Владата  и се ослободени, па седат дома. Пауновски вели дека и со оваа бројка на инспектори успеваат да контролираат поголеми настани и концерти.

    „Имавме пријава дека во Велес ќе се организира концерт на наш познат пејач со публика од 2.000 луѓе. Попладнето отидовме на местото на концертот, па организаторот немаше друг излез, мораше да прими само 400 гости и за сите беа поставени столчиња со одалеченост од 1,5 метар“, додава Пауновски.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари