ДВАЈЦА ОБВИНЕТИ ЗА ДИВИТЕ ПЛАТФОРМИ НА МАТКА, ЗАЗЕЛЕ ВКУПНО 6 ПАРЦЕЛИ ЗАШТИТЕНИ СО ЗАКОН

    ДВАЈЦА ОБВИНЕТИ ЗА ДИВИТЕ ПЛАТФОРМИ НА МАТКА, ЗАЗЕЛЕ ВКУПНО 6 ПАРЦЕЛИ ЗАШТИТЕНИ СО ЗАКОНСАКАМДАКАЖАМ.МК во февруари 2019 објави дека почнува нелегална узурпација и градба на платформи во заштитеното подрачје на Матка. (Фото:СДК.МК)

    Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен предлог против две лица за кривично дело – Узурпација на недвижности согласно член 225 став 1 од Кривичниот законик.

    Првиот обвинет, 39-годишен жител на Глумово, како трговец-поединец кој врши дејност за патнички воден транспорт, на точно неутврден датум, со намера заземал во владение туѓа недвижност што е со пропис прогласена за споменик на природата. Тој на катастарска парцела на брегот на езерото Матка поставил дрвена платформа со вкупна површина од 120 м2 со метална конструкција, над која изградил објект од цигла и дрво со површина од 49 м2.

    Вториот обвинет, 25-годишник од Глумово, делото го сторил така што на пет катастарски парцели исто така на брегот на езерото, поставил дрвена платформа со метална конструкција и со површина од 189,54 м2, на која изградил времен објект со површина од 187 м2.

    За узурпација на недвижности членот 225 став 1 пропишува од парична, до затворска казна до 3 години.

    „Тој што со намера за владение ќе заземе туѓа недвижност што со пропис е прогласена за имот во општа употреба, добро под привремена заштита или културно наследство, природна реткост или друго природно богатство или земјоделско земјиште во туѓа сопственост, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години“, вели првиот став од 225.

    Обвиненителниот предлог не оди на оценка,туку директно кај судија во Основниот кривичен суд, кој закажува судски процес.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира