КОПРОДУКЦИЈА НА „ДРИМ ФЕКТОРИ“ МЕЃУ 29-ТЕ МЕЃУНАРОДНИ ФИЛМОВИ КОИ ЌЕ ДОБИЈАТ ПАРИ ОД ЕУРИМАЖ

    КОПРОДУКЦИЈА НА „ДРИМ ФЕКТОРИ“ МЕЃУ 29-ТЕ МЕЃУНАРОДНИ ФИЛМОВИ КОИ ЌЕ ДОБИЈАТ ПАРИ ОД ЕУРИМАЖЕвропскиот фонд за копродукција и дистрибуција на креативни кинематографски и аудиовизуелни дела на редовната сесија од 12 до 16 октомви одлучи да поддржи 29 меѓународни проекти. (Фото: Еуримаж)

    Албанско-македонската копродукција „Мојата мајка е космонаут“ во режија на Анди Делиана, е меѓу 29-те меѓународни проекти кои ќе добијат пари од Европскиот фонд за копродукција и дистрибуција на креативни кинематографски и аудиовизуелни дела Еуримаж, е одлуката по последната редовна сесија која се одржа од 12 до 16 октомви. Македонски партнер е „Дрим фектори“ од Скопје.

    „Исклучително е значајно што ова е трет филмски проект кој оваа година добива финансиска поддршка од Еуримаж, а во кој свое учество имаат и продуцентите од нашата држава. Претходно поддршка доби проектот ‘Преекспонирано’ во режија на Елеонора Венинова и колку што сум информирана, снимањето на филмот веќе е завршено и се наоѓа во фаза на постпродукција. И проектот ‘Зад стоговите сено’, кој е прва копродукција меѓу Грција, Северна Македонија (‘Сектор филм од Скопје’) и Германија по потпишување на Преспанскиот договор, ја доби довербата на овој европски фонд“, вели Татјана Ќурчинска-Пепељугоска, македонски национален претставник во Еуримаж.

    Од 1 октомври почнува да важи новата одлука, а тоа е дека македонските филмски работници може да учествуваат со најмалку 5 проценти во меѓународните мултилателарни филмски копродукциии и со 10 отсто во билатералните копродукции, наместо како што беше досегашна пракса, да учествуваат со најмалку 10, односно 20 проценти.

    „Оваа најзначајна измена придонесува нашите продуценти со многу помалку средства да станат легитимни копродуценти во меѓународните филмски проекти. Се разбира, тука влијание ќе има и квалитетот, кој повеќето од нашите филмски професионалци го имаат. Ова е исклучително важно за земјава поради можностите што се отвораат за поголема, побројна и подинамична копродукциска соработка. Од друга страна, тоа не го оптоварува дополнително буџетот на државата, напротив. Тоа значи дека вкупниот буџет за филмската дејност треба да се зголемува со цел да се овозможи поширок обем на меѓународна соработка“, додава Ќурчинска-Пепељугоска.

    Од своето основање во 1988, Еуримаж поддржал 2.136 меѓународни копродукциски проекти во вкупен износ од околу 619 милиони Евра.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира