Градинката „Димче Мирчев“ во Велес доби прочистувачи на воздухот, за што Општина Велес издвои 534.000 денари од локалниот буџет.
„За помалите занимални обезбедивме 15 прочистувачи во вредност од 158.000 денари, а за поголемите 24 прочистувачи во вредност од 376.000 денари со вклучен ДДВ. Овие прочистувачи се даваат на трајно користење на установата“, кажа градоначалникот Аце Коцевски.
Тој дополни дека се обезбедени прочистувачи за сите занимални, освен за две во објект 3 – „Детелинки” и најави дека во најбрз временски рок ќе се обезбедат и за нив.
„Оваа донација е од големо значење за здравјето на децата во периодот пред нас, кога доаѓаат студените денови, загадени од загревањето“, рече директорката на „Димче Мирчев“, Маја Велиновска.
Таа ја соопшти и бројката на деца кои посетуваат градинка во сите девет објекти. Тие можат да прифатат 721 дете согласно протоколите за работа, пријавени биле 546 деца кои имале потреба од згрижување, а секојдневно присуствуваат 414. Запишани биле 1.106 деца, а во овој период на пандемија на ковид-19 градинките прифаќаат деца чии двајца родители се на работа или дете на самохран родител.
П. ПЕЧКОВ