ПОМОР НА КРАПОТ ВО ДВА РИБНИКА НА ТИКВЕШКО ЕЗЕРО ОТКАКО ПАДНА НИВОТО НА ВОДАТА

    ПОМОР НА КРАПОТ ВО ДВА РИБНИКА НА ТИКВЕШКО ЕЗЕРО ОТКАКО ПАДНА НИВОТО НА ВОДАТАФрлени се околу 25 тони риба, не само угинат крап, туку има и жив, оти не може да се одделат мртвите од живите примероци, сите завршуваат на посочената депонија од инспекторите. (Фото: СДК.МК)

    Тони риба од две одгледувалишта на Тиквешко Езеро угинуваат секојдневно. Оваа појава сопствениците ја регистрирале од вторникот, кога започнало да се намалува нивото на езерото. Оштетени се засега две фарми за одгледување риба, „Златен крап“ и „Дошница“. И покрај тоа што позицијата на рибниците била точно над поранешното течение на Црна Река, овој помор до денес се случува само во овој дел на езерото. Само вчера водата на вештачката акумулација е падната за 20 сантиметри и има угинато околу 3-4 тони риба, крап.

    „Од вторникот, кога почна да се испушта езерото, досега е намалено за 1,2 метри, имаме фрлено околу 25 тони риба, не само угинат крап, туку има и жив, оти не може да се одделат мртвите од живите примероци, сите завршуваат на посочената депонија од инспекторите. За да не може да ја користат, според насоките од надлежните, ја посипуваме со вар. Смртноста е висока“, вели Тони Танев, сопственик на „Златен крап“.

    Од Центарот за јавно здравје земени се мостри за анализа и се чекаат резултатите. (Фото: СДК.МК)

    Штетите од поморат на риба кај соседната фарма „Дошница“ се проценети на досега угинати 20 тони, исто така крап. За поморот на риба се информирани од Агенцијата за храна и ветерина. Земени се мостри од двата рибника, и од угинатата риба и од водата и испратена на анализа во Центарот за јавно здравје Скопје, како независна, а овластена лабораторија на испитување. Чекаат да ги добијат резултатите за преземање на натамошни чекори.

    Сопствениците илустрираат дека намалувањето на нивото на езерото го спуштило присуството на кислород на алармантни 2 мг/Л. (Фото: СДК.МК)

    „Испративме мостри до Факултетот за ветерина, од каде добивме информација дека причината била ‘загушување од вода’. Може само да шпекулираме што е причината. Ние сме извозно-ориентирана фарма, во која до пред ковид-19 состојбата, најголемиот дел од рибата завршуваше на пазарите од поранешна Југославија. Контактирав ветеринарен доктор од Босна, чија специјалност е крап. Тој рече дека причината е алгата која ја има во езерото и таа што се појавува поради опаѓањето на нивото, по што се намалувал доводот на кислород, па двете заедно предизвикувале сатурацијата во водата да биде ниска и рибите угинувале поради намален кислород“, додаде Танев.

    Сопствениците илустрираат дека намалувањето на нивото на езерото го спуштило присуството на кислород на алармантни 2 мг/Л. Тоа е за повеќе од половина од вообичаено присутниот кислород во водите, а кој е потребен за опстојување на рибата.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира