ИЗМАМНИЦИ ИЗМИСЛУВАЛЕ СООБРАЌАЈНИ НЕСРЕЌИ ЗА ДА БАРААТ ПАРИ ОД СЕМЕЈСТВАТА ЗА ПРЕВОЗ НА ПОЧИНАТИТЕ

    ИЗМАМНИЦИ ИЗМИСЛУВАЛЕ СООБРАЌАЈНИ НЕСРЕЌИ ЗА ДА БАРААТ ПАРИ ОД СЕМЕЈСТВАТА ЗА ПРЕВОЗ НА ПОЧИНАТИТЕСВР Тетово кажа дека двете уапсени лица во четири наврати успеале да добијат пари на измама (Фото: СДК.МК)

    Тетовската полиција уапси две лица за кои се сомнева дека измислувале сообраќајни незгоди и стапувале во контакт со семејствата на наводните жртви на сообраќајките, при што им барале пари за пренос на телата на наводно починатите.

    Постапувајќи по пријава на Д. Б. од Косово, приведени се А. З. (21) од село Церово, Тетовско и Р. М. (44) од Тетово. Тие во четири наврати успеале да земат парични средства од 340, 440, 400 и 740 евра, кои ги добивале преку фирми за брз трансфер на пари.

    „По преземените мерки и активности од страна на полициските службеници било констатирано дека Р. М. од Тетово преку телефон лажно се претставил и лажно прикажал факти дека блиски луѓе на Д. Б. имале сообраќајна незгода во Крива Паланка, во која починале, а паричните средства му требале за подигање на телата. Покрај ова, Р. М. побарал 400 евра и од државјанин на Албанија, со изговор дека негов близок имал сообраќајна незгода во Охрид, а парите му требале за да ги подмири трошоците во болница. Паричните средства ги подигнал А. З.“, соопшти портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски.

    Покрај ова, Р. М. се сомничи и дека минатата и оваа година бил вклучен во измама на десетина лица од неколку градови од Македонија (Куманово, Охрид, Виница), употребувајќи измислени приказни за сообраќајни несреќи на нивните најблиски и потоа барал и добивал пари за наводен транспорт во болница или за погребување.

    Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да бидат претпазливи во комуникацијата со непознати лица, која е најчесто телефонска, да не наседнуваат на измами во кои лажно се нудат услуги, да ги проверуваат податоците, да не им даваат пари на измамниците и сите сомнителни случаи веднаш да ги пријават на бесплатниот телефонски број 192.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира